(Галерија) Во родното село на Христо Чернопеев беше одбележана годишнината од раѓањето на славниот војвода на ВМОРО
Градоначалникот на Општина Луковит, Иван Грнчаров, и неговиот заменик, инж. Павлин Јотов, присуствуваа на свеченото оддавање почит во село Дерманци по повод 157 години од раѓањето на легендарниот револуционер Христо Чернопеев, јавува Општина Луковит во Бугарија.
Настанот започна со традиционална поворка по една од централните улици на селото, а продолжи пред споменикот на Чернопеев, каде што беа положени венци и свежо цвеќе.
Собраните ги поздрави секретарот на локалното културно уметничко друштво, Надка Атанасова. Во рамките на програмата, жените од пензионерскиот клуб од Дерманци ја изведоа песната „Балада за Чернопеев“, чиј текст и музика ги потпишува Моно Тодоров – внук на славниот војвода.
Меѓу организаторите и учесниците беа и градоначалничката на Дерманци, Галина Спасова, општинскиот советник и претседател на НЧ „Христо Ботев – 1895“, Цветомир Цветков, експертот Галин Георгиев од Општинската канцеларија за воена евиденција, наставници и ученици од Основното училиште „Неофит Рилски“ и детската градинка „Славејче“, членови на пензионерскиот клуб „Христо Чернопеев“ и бројни жители на селото.
Христо Чернопеев, роден како Чернјо Пеев, останал во историјата како храбар војвода, капетан на бугарската армија и истакнат дејател на националноослободителното движење во Македонија и Одринско. Тој бил и раководител на Струмичкиот округ на Внатрешната македонско-одринска револуционерна организација.
Споменикот во неговото родно Дерманци е откриен во 1985 година, а од 2018 година и централниот плоштад во селото го носи името на познатиот војвода.
Фото: Община Луковит


























