| |

Вечерва 15-ти „Марш на ангелите“ во Кочани

Здружението на граѓани „16 март 2025 – Кочани“ вечерва ќе го организира 15-тиот „Марш на ангелите“ – симболичен марш на тишината, болката и барањето правда за жртвите на трагедијата во дискотеката „Пулс“. Настанот ќе започне во 18:05 часот од Паркот на револуцијата, време што според организаторите го отсликува доцнењето на институционалната реакција, кое за многумина беше фатално.

„Четири месеци по најголемата трагедија во поновата историја на нашата држава, ние, родителите и семејствата на трагично починатите деца, Ве известуваме дека 19.07.2025 година ќе се одржи петнаесетиот Марш на ангелите – марш на болката и борбата за правда. Маршот ќе започне во 18:05 часот – време што симболично ја претставува задоцнетата и за жал, фатална институционална реакција. Ве повикуваме со отворено срце да ни се придружите – да маршираме заедно во тишина, тишина која симболизира гласно потсетување дека ваква трагедија никогаш повеќе не смее да се повтори – ниту за едно дете, ниту за една мајка“, се наведува во соопштението на  Здружение на граѓани 16-ти Март 2025 Кочани.

Во меѓувреме, Кривичниот суд објави дека е продолжен притворот на обвинетите за пожарот во „Пулс“, а предметот понатаму ќе го води Основното јавно обвинителство – Скопје. Според обвинителниот акт, вкупно 34 физички и три правни лица се товарат за „тешки дела против општата сигурност“.

Меѓу обвинетите има сопственици и управители на угостителски објекти, инспектори, актуелни и поранешни градоначалници, членови на обезбедување и државни службеници. За 11 лица, меѓу кои и двајца поранешни министри, постапката е прекината поради недостиг на докази.

Пожарот, кој избувна на 16 март оваа година, однесе 62 животи, вклучувајќи шест деца, а повеќе од 200 лица беа повредени.

Слични Објави