Македонските Бугари – жртви на истата политика во ново руво
Пишува: Тодор Вангелов, македонски Бугарин
Денес сме сведоци на повторна појава на длабок отпор кон македонските Бугари – нивно непризнавање, маргинализација, па дури и прогон од страна на државата и делови од општеството. Гледаме како се негира нивниот идентитет, како се етикетираат како „странски агенти“ или „бугарофили“, а нивните обиди за зачувување на сопствениот јазик, култура и историја се пречекуваат со омраза и институционален отпор. Во оваа атмосфера, секој обид за почитување на бугарското културно и духовно наследство на овие простори се доживува како провокација, а самото изразување на бугарска припадност станува чин на храброст.
Но ова не е ново. Ваквиот однос кон македонските Бугари има историски корени, особено во периодот по Втората светска војна. Тогаш, Социјалистичка Република Македонија, како дел од Југославија, спроведе целосна и системска политика на негирање и бришење на бугарското присуство од јавната свест. Во 1946 година, беше донесен таканаречениот Закон за отстранување на фашистички споменици и симболи. Под изговорот дека се бори против фашизмот, новата власт го искористи овој закон за да започне масовно рушење на споменици, гробишта и културни обележја кои сведочеа за бугарското воено, просветно и духовно присуство на оваа територија. На удар не беа само спомениците на бугарски војници од Првата светска војна, туку и плочите, обележјата и гробовите на учители, свештеници, револуционери и обични граѓани кои ја оставиле својата трага како Бугари.
Паралелно со физичкото уништување на материјалните докази, започна и историската ревизија – процес во кој личности кои се самоопределувале како Бугари, како дејците на ВМОРО, Илинденците и просветителите, беа прогласени за „Македонци“. Документите и сведоштвата за нивната бугарска свест беа уништувани или сокривани, а нивната борба беше идеолошки пренасочена и искористена за изградба на нова национална историја, во согласност со југословенската политика на раздвојување на македонскиот и бугарскиот идентитет. Самоидентификацијата како Бугарин стануваше табу тема, а обидите за нејзино зачувување често завршуваа со репресија од страна на УДБА – следење, апсења, закани, затвори.
Тоа што го гледаме денес – негирањето на правото на здружување на македонските Бугари, омразата спрема нивните клубови, па дури и судските процеси против нив – е директен резултат на таа политика од минатото. Историјата со обесправувањето на македонските Бугари се повторува до бесконечност. Одбивањето да се соочиме со вистината, со неправдите од минатото и со постоењето на македонски граѓани кои се чувствуваат како Бугари, ја одржува една длабока историска неправда жива и денес.А без вистинско соочување со минатото, не можеме да градиме праведна иднина.