Белобрадова за Илинден во Банско: Вечна слава на сите херои кои ги дадоа своите животи за слободата на Бугарија и на своите сонародници
На Илинден (20 јули), во Банско – срцето на Пиринска Македонија – за прв пат се одржа автентична реконструкција на последната битка на четата на војводата Радон Тодев, кој заедно со своите седумдесет комити го жртвуваа животот за спас на цивилното население за време на Илинденското востание, напиша на социјалната мрежа Facebook пратеничката во бугарскиот парламент Елисавета Белобрадова.
„Илинденското востание избувна на денешен ден најнапред во Македонија – во Битолскиот револуционерен округ, каде што беше најмасовно, а потоа и во Одринска Тракија – на Петрова Нива во Странджа, на празникот Преображение. Третиот бран дојде на Крстовден, во Серскиот револуционерен округ. Учество зедоа Бугарите од цела Македонија и Одринска Тракија, кои заедно, како еден народ, се кренаа да се борат против своите поробувачи. Токму затоа нивната организација се викаше ВМОРО – Внатрешна македоно-одринска револуционерна организација,“ пишува Белобрадова, која присуствувала на реконструкцијата.
Во реконструкцијата, изведена со автентична облека и оружје од почетокот на XX век, беше оживеана херојската сцена во која комитите на Тодев, биле опеани живи во црква во Банско. Комитите одбиваат да се предадат и се борат до последниот човек против над 1600 османлиски војници. Благодарение на нивната саможртва, стотици жени, деца и старци успеваат да ја преминат границата кон слободна Бугарија, пишува Белобрадова.
„Настанот, кој го следеа бројни жители и гости на Банско, е дел од чествувањата за Илинден и има за цел да ја одржи жива меморијата за Илинденската епопеја и херојството на македоно-одринските револуционери. Вечна слава на сите херои кои ги дадоа своите животи за слободата на Бугарија и на своите сонародници,“ пишува Белобрадова.

