| | |

Раѓањето на македонската нација (8)

Писмо од Владимир Поптомов до ЗП на ЦК на БКП во однос на предлогот на А. Величков за формирање група за разработување на прашањата за македонскиот јазик и нација и резолуција на Васил Коларов до Антон Иванов (Богданов) по истото

Москва, 25 юни 1935 г.

Другари,

По повод писмото на другарот Величков и придружената белешка од другарот Богданов:

Готовноста, што некои видни советски научници слависти во Киев ја изразиле пред другарот Величков за започнување на специјални истражувања врз особеностите на македонскиот јазик, е од големо значење и треба да се поохрабри и искористи во најширок обем.

Прашањето за карактерот на македонската нација, како самостојна национално-историска индивидуалност, како и прашањето за самостојниот карактер на македонскиот јазик се прашања кои одамна чекаат свое научно-марксистичко осветлување и се од големо актуелно политичко и револуционерно значење за Балканот.

Позитивното потврдување на овие прашања ја сочинува објективната основа на тезата на Коминтерната и комунистичките партии на Балканот за самоопределувањето на македонскиот народ. Ова сфаќање на Коминтерната ја најде својата конкретна формулација на Петтиот конгрес во лозунгот за обединета и независна Македонија. А во резолуцијата за македонското прашање на БЛС од февруари 1934 година се дава принципиелна поставеност за прашањата за македонската нација и јазик. Ќе цитирам некои од тие формулации:

„Буржоазијата на владејачките нации во трите империјалистички држави, меѓу кои е поделена Македонија, се обидува да го прикрие националното угнетување, отфрлајќи ги националните особености на македонскиот народ и постоењето на македонската нација.

Грчките шовинисти тврдат дека локалното словенско население во окупираната од нив Македонија се состои од Грци, кои во текот на минатите векови биле словенизирани и кои треба насилно да бидат „вратени“ во грчката култура, забранувајќи им да учат и зборуваат на својот мајчин јазик.

Великосрпските шовинисти, потпирајќи се на присуството на српски елементи во јазикот на локалното македонско население, го прогласуваат тоа население за едно од „племињата“ на југословенската нација и го подложуваат на насилно посрбување.

Бугарските шовинисти, експлоатирајќи ја сродноста на македонскиот јазик со бугарскиот, изјавуваат дека македонците се бугари и на тој начин сакаат да го оправдаат завладувањето на Петричко и своја политика на анексија кон цела Македонија. ВМРО (обединета), водејќи борба против распарчувањето и поробувањето на македонскиот народ и против сите форми на културно, социјално и економско угнетување за национално ослободување и обединување на сите делови на Македонија, мора да ја разобличи вистинската суштина на сите размислувања што имаат цел да го отфрлат карактерот на македонците како нација и да спречи нивно проникнување во сопствените редови…

ВМРО (обединета) мора да ја организира и раководи секојдневната борба против секоја пројава на национално угнетување, против секој исклучителен закон, за правото на македонските маси да го користат мајчиниот јазик во сите владини и општествени установи, за слобода да учат на него и да издаваат книги.“

Од сè горенаведено се гледа дека Коминтерната и комунистичките партии стојат на ставот за признавање на самостојна македонска нација и јазик.

Треба да се каже дека образложувањето на овие прашања, како од партиите, така и од македонското национално-револуционерно движење, повеќе произлегува од фактичката состојба. Една разработена и утврдена научно-историска теорија за овие прашања нема.

Оваа празнина може да се пополни и поставените прашања успешно да се решат од марксистичко-ленинистичко гледиште само од советските научници. Буржоаските научници се заинтересирани не да ја изнесат објективната вистина за овие прашања, туку за нејзина фалсификација во правец на интересите на таа империјалистичка национална групација на која ѝ служат. Познат факт е дека балканските буржоазии трошат и продолжуваат да трошат колосални средства за да печатат и распространуваат десетици и стотици томови, за да ги докажат „историски и научно“ своите права врз Македонија.

Заинтересираната буржоаска „наука“ го користи фактот што националното будење на македонците се одвиваше во услови на сè уште недоволното распаѓање на феудалните односи под влијание на капитализмот во Турција и при веќе широко организирана пропаганда на соседните балкански народи, оформени како самостојни држави, што е и причината од македонските дијалекти да не може да се оформи еден литературен јазик. Недостигот на таков, сепак, не може да послужи како основа да се отфрли воопшто самостојниот карактер на македонскиот јазик, на кој зборуваат милионски македонски народни маси.

Сето ова само ја потврдува потребата од што поскоро пристапување кон научната разработка на овие прашања. Колку се актуелни овие прашања, се гледа од живиот интерес кој се манифестира како во партиските, така и во македонските национално-револуционерни кругови внатре во Македонија и во емиграција. А раководните другари во ВМРО (обединета) во Петричко одамна настојчиво предлагаат да ги заинтересираме советските научници за македонските прашања и дури правеа конкретен предлог да се замоли професорот Державин да напише брошура за прашањето за македонската нација. За Петричко овие прашања имаат уште поособено значење, бидејќи не само бугарската буржоазија, туку и нејзините агенти, во лицето на македонските врховисти, водат широка пропаганда за бугарскиот национален карактер на македонците.

Мислам дека разработката на македонските прашања треба да се движи во следниве насоки:

  1. Разработка на прашањето за македонската нација.
  2. Разработка на прашањето за македонскиот јазик.
  3. Критика на буржоаските „теории“ за овие прашања.

Притоа за организирањето на оваа работа ќе биде најцелисходно ЗБ да назначи специјална бригада, која ќе работи под негов надзор. Задачата на оваа бригада ќе се состои во ангажирање на советски научници не само во Киев, туку и во Москва, Ленинград и на други места во Советскиот Сојуз со македонските прашања, ќе им олеснува и помага во текот на нивната работа, ќе известува за добиените резултати и за нивната употреба на ЗБ итн. Во оваа бригада да влезат другарот Величков, кој изгледа може да биде многу корисен во оваа област, другарот Гачев (во Москва) и уште еден или двајца академици историчари и филолози, ако има такви. Кон бригадата може да се привлече и другарот Дино Ќосев (Москва), кој има извесна подготовка по овие прашања и може да биде од корист.

На другарот Величков, како одговор на неговото писмо, ќе треба да му се соопшти ставот на Коминтерната за прашањата за македонската нација и јазик, за да не се задржува започнувањето на работата во Киев.

Со комунистички поздрав,
В. Громов

Резолуција на Васил Коларов до Антон Иванов:

Антоне, покажи го на Георги и Петар. Мој предлог: Во исто време да се испрати препис од писмото (материјалната негова содржина) на другарот Величков во Киев, за да му служи како директива по прашањето за македонскиот јазик.

В. К[оларов].

ЦДА, ф. 3 б, оп. 4, а.е. 445, л. 4-7. Оригинал. Ръкопис.

(Продолжува)

Слични Објави