Патриотизмот не се мери со викање по митинзи и со толерирање на двојните аршини
И.Б.
Не сум партиски обоен, не гласам за никого, ниту ме интересираат партиски функции, затоа што не сакам (ќе се изразам со омилената фраза на нашиот премиер) да виткам кичма на некој смртник, не сакам да трчам по штабови за нечии интереси, ниту да бидам лицемер и да глумам…
Е, освен што сега во последно ми се допаѓа начинот на делување на Данела Арсовска и ја поддржувам во борбата против криминалот. Нејзината храброст да се спротивстави на притисоци и интереси заслужува поддршка. Кога некој покажува решителност да расчисти со злоупотребите, без разлика од каде доаѓаат, треба да го препознаеме и поддржиме тоа.
Пишаното не е со цел некого да нападне односно други да одбрани, туку да се разобличи лицемерието, неискреноста, лагата.
Погледнете го апсурдот: кога од бугарска страна ќе се објави дека некој функционер од СДСМ или друга партија има или поднел барање за бугарски пасош, ДПМНЕ веднаш скока – обвинува, етикетира, нарекува луѓе „продадени души“, „бугараши“, „предавници“.
Но, кога од истата таа бугарска страна ќе се појават информации за функционери од ДПМНЕ – или пак директно за нивниот лидер, дека имаат или имале врска со бугарски документи – тогаш одеднаш се менува наративот. Тогаш слушаме дека тоа е „удар од бугарските служби“, „хајка против премиерот“, „обид за дестабилизација на Македонија“.
Доста веќе со двојни аршини. Не се правете дека сте цвеќиња за мирисање. Никој не е чист. Не се правете поголеми патриоти од сите други – бидејќи Македонија е мала држава и горе доле сите за некого нешто знаеме.
Ако сакаме да градиме држава на вистина и принципи, мораме да бидеме искрени и чесни. Патриотизмот не се мери со викање на митинг, ниту со пасоши, ни со клевети, омаловажувања… Се мери со доследност, чесност и одговорност – нешто што, за жал, сè поретко го гледаме кај нашите политичари, без разлика на партиска боја.
Се залагам за целосно почитување на човековите права и основните слободи. Слободата на изразување мора да биде загарантирана и заштитена – дури и кога некој зборува нешто што не ни се допаѓа. Демократијата не може да постои без критичка мисла, без право на глас, и без медиуми кои ќе работат слободно, без притисоци, цензура или закани.
Никој не смее да биде прогласен за „предавник“ само затоа што мисли поинаку и/или припаѓа на друга националност. Различноста во ставови е здрав знак на едно демократско општество. А држава што се плаши од слободен збор, се плаши од сопствената вистина.
Ме интересира напредокот на Македонија – на економски, културен, образовен, па и општествен план. Сакам да ја видам државата како стабилна, функционална и достоинствена како дел од европското семејство. Да има економија што создава работни места и ги задржува младите тука. Образование што ќе биде конкурентно, а не политизирано. Правосуден систем што ќе биде праведен, независен и непристрасен – а не политизирано средство за пресметки, заштита на моќни луѓе или замолчување на неистомисленици. Правдата мора да биде еднаква за сите, без разлика на партија, функција или влијание.
Не ме интересираат празни пароли, лажен патриотизам, и меѓусебни обвинувања што не носат ништо освен поделби. Сакам институции што функционираат за граѓаните, а не за партиските елити. Сакам да живееме во држава каде што ќе се вреднува трудот, знаењето и чесноста, а не партиската книшка или блискоста со некој „моќник“.
