| | |

Раѓањето на македонската нација (9)

Писмо од ЗБ на ЦК на БКП до А. С. Величков во врска со создавањето на група за научна разработка по прашањето за македонскиот јазик и вклучувањето на А. Величков во истата

Москва, 1 јули 1935 г.

Тов. Величкову А. С.
Киев, Бульвар Шевченко 14, ВУАМЛИН, Литкомисия.
Драги другарю,

Драг другару,

Прашањето за македонскиот јазик, кое некогаш го подигнавте пред ЗБ, заслужува исклучително големо внимание. За жал, поради други важни работи, ние премногу го одложивме нашиот одговор. Нашиот одговор и сега не може да биде исцрпен од проста причина што прашањето бара темелно проучување, на кое, за жал, засега никој од одговорните другари не може посебно да се посвети. И затоа ние треба широко да ја искористиме иницијативата и подготвеноста што некои видни советски научници слависти во Киев ја изразија пред вас за започнување на специјални истражувања врз особеностите на македонскиот јазик. Таа иницијатива е од големо значење и треба да се поттикне и искористи во најширок обем.

Јас брзам да ти предадам некои мислења и ставови што одделни другари од ЗБ и работници во национално-револуционерното движење ги изразуваат по прашањето, кои би можеле да ти помогнат да се зафатиш што е можно поскоро со организирањето на таа работа.


Прашањето за карактерот на македонската нација, како самостојна национално-историска индивидуалност, како и прашањето за самостојниот карактер на македонскиот јазик се прашања што одамна чекаат свое научно-марксистичко осветлување и од големо актуелно политичко и револуционерно значење за Балканот.

Позитивното потврдување на овие прашања ја сочинува објективната основа на тезата на Коминтерната и на комунистичките партии на Балканот за самоопределувањето на македонскиот народ. Ова сфаќање на Коминтерната ја најде својата конкретна формулација на V конгрес во паролата за обединета и независна Македонија. А во резолуцијата за македонското прашање на БЛС од февруари 1934 г. се дава принципиелна поставка за прашањата за македонската нација и јазик. Еве некои од тие формулации:

„Буржоазијата на владејачките нации во трите империјалистички држави, меѓу кои е поделена Македонија, се обидува да го прикрие националното угнетување, отфрлајќи ги националните особености на македонскиот народ и постоењето на македонската нација.
Грчките шовинисти тврдат дека местното словенско население во окупираната од нив Македонија се состои од Грци, кои во текот на изминатите векови биле словенизирани и кои мора „насилно“ да се „вратат“ во грчката култура, забранувајќи им да учат и зборуваат на својот мајчин јазик.
Великосрпските шовинисти, повикувајќи се на постоењето на српски елементи во јазикот на местното македонско население, го прогласуваат тоа население за едно од „племињата“ на југословенската нација и го подложуваат на насилно посрбување.
Бугарските шовинисти, експлоатирајќи ја сродноста на македонскиот јазик со бугарскиот, изјавуваат дека македонците се бугари и на тој начин сакаат да го оправдаат завојувањето на Петричко и својата анексирачка политика кон цела Македонија.

ВМРО (обединета), водејќи борба против распарчувањето и поробувањето на македонскиот народ и против сите форми на културно, социјално и економско угнетување, за национално ослободување и обединување на сите делови на Македонија, треба да го разобличи вистинскиот смисол на сите умувања на балканските империјалисти, насочени кон одрекување на македонците како нација и да попречи на нивното продирање во сопствените редови…
ВМРО (обединета) треба да ја организира и раководи секојдневната борба против секоја манифестација на националното угнетување, против секој исклучителен закон, за правото на македонските маси да го користат мајчиниот јазик во сите владини и општествени установи, за слободата да учат на него и да издаваат книги.”

Од сето горенаведено се гледа дека Коминтерната и комунистичките партии стојат на становиштето за признавање на самостојна македонска нација и јазик.

Треба да се каже, сепак, дека поставувањето на овие прашања, како од партиите, така и од македонското национално-револуционерно движење, произлегува повеќе од фактичката состојба на работите. Разработена и утврдена научно-историска теорија за ова прашање нема.

Оваа празнина може да се пополни и поставените прашања успешно да се решат од марксистичко-ленинистичко гледиште само од советските научници. Буржоаските научници се заинтересирани не да ја изнесат вистината по овие прашања, туку да ја фалсификуваат во интерес на таа империјалистичка национална групација на која ѝ служат. Познато е дека балканските буржоазии трошат и продолжуваат да трошат колосални средства за да печатат и распространуваат десетици и стотици томови за да ги докажат „историски и научно“ своите права над Македонија.

Заинтересираната буржоаска „наука“ го користи тоа што националното будење на македонците се одвиваше во услови на недоволно разложени феудални односи во Македонија под влијание на капитализмот во Турција и при веќе широко организирана пропаганда на соседните балкански народи, оформени како самостојни држави, што е причината од македонските дијалекти да не може да се оформи еден литературен јазик. Недостигот на таков, сепак, не може да послужи како основа за да се одрече самостојниот карактер на македонскиот јазик, на кој зборуваат милиони народни македонски маси.

Сето ова само ја потврдува неопходноста за побрзо пристапување кон научна разработка на овие прашања. Колку се актуелни овие прашања, покажува живиот интерес што го пројавуваат кон нив како партиските, така и македонските национално-револуционерни кругови во самата Македонија и во емиграција. А раководните другари од ВМРО (обединета) во Петричко одамна настојчиво предлагаат да ги заинтересираме советските научници за македонските прашања и дури направија конкретен предлог да се замоли професор Державин да напише брошура за прашањето за македонската нација. За Петричко овие прашања имаат уште посебно значење, бидејќи не само бугарската буржоазија, туку и нејзините агенти, во лицето на македонските врховисти, водат широка пропаганда за бугарскиот национален карактер на македонците.

Според нашето мислење, разработката на македонските прашања треба да се движи во следниве насоки:

  1. Разработка на прашањето за македонската нација.
  2. Разработка на прашањето за македонскиот јазик.
  3. Критика на буржоаските „теории“ по овие прашања.

ЗБ смета дека една бригада од другари треба веднаш да се зафати со организацијата на таа работа. Во составот на таа бригада се вклучени другарите Величков (Киев), Гачев и Дино Ќосев (Москва). Нејзиниот состав може да се дополни со соодветни другари.

ЗБ ме задолжи да ви го соопштам сè ова и да ве замолам веднаш да пристапите кон конкретното организирање на работата во Киев и да нè известувате за сè што преземате во таа насока. Ќе ве поврземе со со другите членови на бригадата.

Со комунистички поздрав:
За ЗБ
Богданов

ЦДА, ф. 3 б, оп. 4, а.е. 445, л. 1. Копие. Машинопис.

Продолжува



Слични Објави