|

Мицкоски: Имаме 16 нови авиолинии, за повеќе од 20 проценти е зголемен број на странски туристи

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека владата е задоволна од резултатите од програмата за субвенционирани авиолетови, истакнувајќи дека годинава се обезбедени 16 нови дестинации и зголемен буџет за поддршка на овие летови.

„Апсолутно сум задоволен. Имаме 16 нови дестинации. Буџетот за субвенционирање е зголемен на 250 до 260 милиони денари оваа година, а истиот ќе биде и следната година,“ изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за ефектите од субвенционираните летови.

Тој потенцираше дека субвенциите се насочени кон привлекување странски туристи, односно кон летови што носат посетители во земјата, а не за нивно заминување.

„Ова се субвенции на доаѓање, практично на тие летови, не на заминување, и во таа насока ќе продолжиме и во периодот што следи,“ рече премиерот.

Според податоците што ги сподели Мицкоски, ефектите од оваа мерка веќе се чувствуваат, особено во секторот туризам. Во првите пет месеци од 2025 година, бројот на странски туристи е зголемен за повеќе од 20 проценти.

„Впрочем, резултатите се гледаат и во секторот туризам. Имаме повеќе од 20 проценти зголемен број на странски туристи во првите пет месеци од годината,“ посочи Мицкоски.

Владата најавува дека ќе продолжи со вакви мерки и во идниот период, со цел дополнително да се зајакне туристичката понуда и да се стимулира воздушниот сообраќај кон Северна Македонија.



Слични Објави