ДКСК потсетува на забраните од денот на распишувањето на изборите
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) соопшти дека од распишувањето на локалните избори во 2025 година до конституирањето на советите на општините и Градот Скопје важат низа ограничувања и забрани.
Не смее да се започнуваат нови инвестиции или вонредни буџетски исплати без законски обезбедени средства, ниту да се покренуваат постапки за нови вработувања или отпуштања, освен во итни случаи. Политичките партии и кандидатите не смеат да користат незаконски или анонимни извори на финансирање, ниту државен имот и буџетски средства за кампања. Поткупот на избирачи и подароците за гласање се строго забранети.
Во периодот од 20 дена пред изборната кампања до нејзиното завршување е забрането одржување јавни настани за пуштање во употреба државно финансирани објекти. Министерството за финансии ќе ги објавува сите буџетски исплати во овој период, освен редовни плати, пензии и комунални трошоци. Јавните фондови и државните компании мора во рок од 10 дена од распишувањето на изборите да достават податоци за своите возила до ДКСК.
Забрането е користење службени простории, опрема и возила за изборни цели, како и вршење притисок или заплашување на гласачи. ДКСК ќе го следи изборниот процес и ќе реагира при сомнежи за прекршувања, но во овој период нема надлежност да дава мислења по барања од државни или локални органи.
Комисијата апелира медиумите, граѓанските организации и јавноста да пријавуваат прекршувања на овие правила.

