Уставниот суд ќе одлучува за измените на Законот за пензии што ги исклучија пензионерите во странство од идните покачувања
Уставниот суд ќе ја оценува уставноста и законитоста на измените на Законот за пензиското и инвалидско осигурување, со кои пензионерите што живеат во странство не го добија мартовското покачување од 2.500 денари, ниту ќе ги добијат најавените зголемувања од по 1.000 денари во септември 2025 и март 2026 година.
Досега се поднесени три иницијативи. Првата, од Љубомир Сандевски, тврди дека државата со измените „го ускратува стекнатото право“ и дека Собранието „без уставна надлежност, направило неоснована поделба по географски принцип“.
Втората иницијатива, од Илија Ивановски, го оспорува членот што предвидува покачувањата да важат само за пензионерите на кои пензијата им се исплаќа во Северна Македонија, оценувајќи дека тоа создава „правна нееднаквост и индиректна дискриминација“.
Третата, од Темелко Ристевски, наведува повреда на неколку уставни членови – член 9 (еднаквост на граѓаните), член 27 (слобода на движење) и член 35 (социјална заштита).
Од Фондот за пензиско осигурување појаснуваат дека пензиите ги исплаќаат според законските одредби и потсетуваат дека пензионерите во странство го добиле првото покачување од 2.500 денари во септември 2024 година, но измените потоа не им го гарантираат правото на зголемувањата во април 2025, септември 2025 и март 2026 година. Од таму додаваат дека ќе ги почитуваат „сите идни одлуки на надлежните институции, вклучувајќи ја и онаа на Уставниот суд“.

