Ивановска во Обвинителството поради пријава за несовесно работење
Поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и кандидатка за градоначалничка на општина Центар, поддржана од платформата „Независни заедно“, Билјана Ивановска денеска беше повикана на разговор во Обвинителството.
Против Ивановска е поднесена кривична пријава за наводно несовесно работење во времето кога таа ја водела Комисијата. Според пријавителот, спорен бил начинот на кој ДКСК отворала предмети и начинот на кој информациите биле споделувани со јавноста.
„Во конкретниот случај, бил отворен предмет по сопствена иницијатива и тоа иницијатива од член на нашата комисија. Предметот се работел, на крај предметот е без некои наоди, постапката е завршена без никакви сомнежи. Она што било спорно за пријавувачот е на кој начин ние сме комуницирале со јавноста. Вие знаете дека ние како ДКСК бевме премногу транспарентни, можеби и ги споделувавме предметите и информациите со јавноста без никаков проблем за тоа. Јас како претседателка ги потпишувам одлуките кои колективно се носат од страна на комисијата,“ изјави Ивановска.
Таа додаде дека со оглед на тоа што постапката е во тек, не може да сподели детали за кој предмет станува збор.
„Кога некој ќе покрене иницијатива, кога ќе добиеме пријава, сите можности што се опишани во закон. Ова што беше денеска, беше во насока да ја објаснам процедурата на работењето на ДКСК,“ појасни Ивановска.
Обвинителството информира дека постапува по пријава поднесена на 18 февруари оваа година, а поканата до Ивановска е испратена на 25 јули 2025 година. Од таму потенцираат дека случајот на ниту еден начин не е поврзан со нејзините тековни политички активности.
Ивановска, која беше на чело на ДКСК, на претстојните локални избори влегува во трка за градоначалничка на Центар како независна кандидатка, поддржана од граѓанската платформа „Независни заедно“.
