Зеленски: Украина нема да даде земја на окупаторот
Украина денеска го одбележа Денот на националното знаме во услови на жестоки борби со руските сили. Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, им честиташе на своите сограѓани и порача дека земјата нема да отстапи ниту педа територија на окупаторот.
„Ова знаме е цел и сон за многумина од нашите луѓе во привремено окупираните територии. Тие го чуваат на безбедно место, затоа што знаат – ние нема да ја дадеме нашата земја на окупаторот,“ изјави Зеленски.
По повод празникот, украинското знаме беше свечено издигнато пред зградата на градското собрание во Киев, како и пред седиштето на Европската комисија во Брисел. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најави дека Брисел ќе ѝ додели на Украина дополнителна финансиска помош во износ од над 4 милијарди евра.
Во земјата се очекува да пристигне и специјалниот пратеник на претседателот на САД, Кит Келог, кој ќе учествува на молитвен појадок и во свеченостите по повод Денот на независноста на Украина, што ќе биде одбележан утре.
