| |

Трка во чест на херојот од Кочани кој 11 пати возеше до Скопје за да спаси животи и го загуби својот

Делчево денес беше домаќин на првото издание на спортскиот настан „Голак Треил“, кој ги спои љубителите на планинското трчање и брзото одење низ живописните предели на планината Голак. Настанот носи силна хуманитарна порака и е посветен на прерано починатиот Иле Гоцевски – возачот на Брза помош од Кочани, кој остана запаметен по својата пожртвуваност и хуманост.

Иле Гоцевски во трагичната ноќ на 16 март 2025 г. 11 пати возеше од Кочани до Скопје за да ги спаси животите на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“. Неговата посветеност стана симбол на човечка храброст и солидарност, но тој го загуби сопствениот живот.

„Во негова чест, патеката на првото издание на ‘Голак Треил’ ќе биде долга 11 километри, симболично претставувајќи го патот на Иле и неговата борба за секој спасен живот,“ соопштија од Еколошкото друштво „Голак“, кои се организатор на настанот.

Сите средства собрани од котизациите ќе бидат донирани на организацијата „Support Kocani“. Преку ваквата акција, организаторите ја нагласуваат важноста на човечката солидарност, но и на здравиот начин на живот.

Покрај хуманитарната мисија, „Голак Треил“ има за цел и да ја промовира планината Голак како природна дестинација за спорт, рекреација и туризам. Организаторите веруваат дека преку вакви настани може да се поттикне развојот на туризмот во источниот регион на Македонија.

Слични Објави