| |

Не смееме да ги напуштиме украдените деца на Украина

Кари Малиган/The Telegraph

Војната во Украина ги исполнува насловите. Но зад дипломатските маневри и протоколарните сцени во Овалната сала се крие една тивка, сурова драма која останува во сенка.

Денес е официјално потврдено дека 19.546 украински деца насилно биле одведени од своите домови во Русија. Вистинската бројка веројатно е со десетици илјади поголема. Децата се одземани од домови за згрижување, од училишта, од засолништа, па дури и од сопствените семејни домови.

Многумина се испратени во кампови со воен режим или предадени на непознати семејства во Русија. Им било кажувано дека родителите ги напуштиле. Им било забранувано да зборуваат на мајчиниот јазик. Биле терани да заборават кои се. Ова не е заштита, ниту грижа. Ова е намерно бришење на нивниот идентитет – злосторство чии последици се неоспорливи. Додека очајни родители ги бараат своите деца, самите деца растат со мислата дека биле несакани. А на окупираните украински територии живеат повеќе од еден милион деца – цела генерација изложена на закана.

Новиот извештај „Вратете го секое дете на War Child UK, Save Ukraine и Центарот за човекова безбедност ја раскажува судбината на малкуте кои успеале да се вратат – некои биле спасени, други избегале сами.

„Секој ден нè моделираа во нешто што не бевме. Не нè третираа како деца. Сакаа да бидеме нивни војници.“
Така 16-годишно девојче од Херсон го опишува своето искуство пред психолозите на Save Ukraine. И тоа не е изолиран случај.

  • 41% од вратените деца сведочат дека биле изложени на систематска воена пропаганда.
  • Речиси една третина (30%) биле испраќани во „кампови“ каде што биле терани да пукаат со вистински куршуми, да расклопуваат автомати, да копаат ровови и да фрлаат гранати – некои од нив едвај 13-годишни.
  • Повеќе од половина (55%) биле подложени на задолжителни часови по „правилна“ историја и на забрана да зборуваат украински.
  • Едно од десет деца раскажало дека било измачувано.

Дури и ако некогаш се вратат дома, овие деца ќе ја носат со себе траумата, која ќе бара долготрајна и специјализирана помош.

И сепак постои надеж. Мојата работа со War Child веќе десет години ми покажува дека закрепнувањето е можно. Со доволно ресурси можеме да обезбедиме заштита и терапија што ќе им го вратат детството и иднината. Но тоа нема да се случи ако Русија продолжи да ги држи како идни воени регрути.

Светските лидери имаат обврска да го засилат гласот на овие деца и нивните семејства.

War Child ќе продолжи да се бори за нив. Зашто тие не смеат да станат заборавените жртви на оваа војна. Тие мора да бидат вратени. Веднаш.

Слични Објави