| |

8 Септември – Независноста како незавршен процес и новата историска задача на Северна Македонија

Ивон Величковски

На 8 септември 1991 граѓаните на референдум ја потврдија својата волја за самостојна и суверена држава.

Овој чин е кулминација на долготрајниот стремеж за слобода и државност – од Илинденската идеја за самостојна република, преку АСНОМ како темел на современата македонска државност, сѐ до демократското изјаснување на Референдумот 1991.

Независноста, меѓутоа, не е конечна состојба, туку статус кој треба постојано да се надградува.

34 години подоцна, јасно е дека македонската независност сѐ уште е во сенка на бројни ограничувања.

Дел од нив се резултат на надворешни влијанија, како концептот на „српскиот свет“ и наследството на постјугословенските безбедносни и економски врски.

Други слабости се внатрешни:

– долготрајната доминација на двопартискиот систем на една “елита”,

– заробеноста на институциите од партиите на тајкунски структури и

– недоволно независно судство.

Наместо Република на граѓаните, честопати гледаме држава како плен на политичките и економските центри на моќ.

Историјата, меѓутоа, нѐ учи дека македонскиот народ и нацијата на Северна Македонија знае да го продолжи патот до крај.

Ако Илинден ја издигна идејата за слободна република, а НОБ го поставија темелот на државноста, нашата генерација денес ја има обврската да ја доврши независноста – преку целосна европеизација на државата.

Тоа значи:

– ослободување од надворешните геополитички окови на флерт со Москва и Пекинг,

– раскрстување со заробената партиска логика на припадност кон Белград и

– изградба на функционални институции кои ќе бидат столб на правдата, економскиот развој и граѓанската еднаквост со сопствен центар – во европско Скопје.

Членството во Европската Унија не е само геополитичка цел – тоа е историски континуитет на борбата за слобода и достоинство.

Парадоксално, вистинската независност ќе биде остварена кога Северна Македонија ќе стане дел од европското семејство, со стабилна демократија и економија која му служи на народот, а не на привилегираните тајкунски малцинства.

На 8 септември се сеќаваме на минатото, но и се обврзуваме за иднината.

Референдумот 1991 е една победа. Но процесот на независност ќе биде успешен само кога македонскиот народ и нацијата на Северна Македонија целосно ќе се ослободи од остатоците на југонoсталгијата.

Бидејќи југоносталгијата целно ни е проектирана за да се одржи влијанието на старите служби и нивните олигархиски и политички играчи.

Вистинската независност ќе се потврди преку изградба на модерна демократска држава, која конечно ќе се вгради во ЕУ и ќе ја исполни својата историска мисија започната со Илинден, потврдена со АСНОМ и крунисана со 8 Септември – слободна, достоинствена и напредна Северна Македонија – реиндустријализираната, технолошки обновена, образовно крената и популациски стабилизирана.

Тоа е нашата нова Република.

И неа ќе ја градиме преку Нова република.

Слични Објави