|

Мицкоски: Подметнување пожар ќе биде тероризам, а фрлање отпад на недозволени места ќе се казнува со затвор над пет години

Премиерот Христијан Мицкоски денес, при посетата на Јегуновце, најави дека Владата ќе предложи итни измени на законите со цел построго санкционирање на загадувањето и намерното предизвикување пожари.

„Во рамките на парламентарната процедура разговарав со координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ итно да имаме измени во законите, со кои подметнување пожар ќе биде квалификувано како дело на тероризам, а одлагање смет онаму каде што не му е местото, ќе биде друго кривично дело, кое ќе се казнува со казна затвор поголема од пет години“, изјави премиерот Мицкоски.

Тој истакна дека секој што ќе биде фатен на дело ќе биде најстрого казнет. Дополнително, Министерството за животна средина вчера испратило дописи до сите општини со барање за расчистување на дивите депонии и правилно одлагање на отпадот.

„Ги повикувам и несовесните граѓани да престанат да создаваат диви депонии, затоа што сите што ќе бидат фатени ќе одговараат“, додаде Мицкоски.

Осврнувајќи се на денешната снимка од пожарот во Пинтија, тој рече дека тоа е доказ дека постојат центри на моќ кои се обидуваат да внесат страв и паника пред изборите. Иако повторно не ги именуваше, нагласи дека одговорот на прашањето „кому му одговара ваква состојба“ е ист со одговорот „кој ги нарачува“.



Слични Објави