Софија го слави својот празник: „Света Софија“ и „Александар Невски“ – симболи на главниот град на Бугарија
Главниот град на Бугарија Софија денеска го одбележува својот празник, кој се совпаѓа со денот кога православната црква ги почитува маченичките Вера, Надеж и Љубов и нивната мајка Софија. Од 1992 година, со одлука на Градскиот совет, 17 септември е прогласен за Ден на Софија, јавува БНР.
Црквата „Света Софија“, која го дала името на градот, често останува во сенка на величествениот храм-паметник „Александар Невски“. Додека катедралата со својата бела фасада и златно-зелени куполи доминира на истоимениот плоштад, базиликата „Света Софија“, изградена од црвени тули, носи спокојна едноставност и историска длабочина.
Странските туристи кои првпат пристигнуваат во Софија најчесто се воодушевени од катедралата „Александар Невски“, од зградата на некогашната Централна минерална бања и од Народниот театар, вели Никола, водич во бесплатната пешачка тура Free Sofia Tour.
Сепак, има и поинакви впечатоци. Џеј од Лондон најмногу бил импресиониран од црквата „Света Недела“ и нејзината драматична историја поврзана со атентатот во 1925 година. Алуција од Братислава првично го открила градот преку сувенирите со розово масло, додека Хрватката Мартина ја истакнува храната и архитектурата, која, според неа, носи сличности со Хавана и Сараево.
Млад брачен пар од Калифорнија – Бритни и Дејвид – дошле во Софија поради концерт на Андреа Бочели, а нивниот прв впечаток бил дека градот е „помодерен од очекуваното“. Германецот Александер, останал со најголем впечаток од споменикот на царот Самоил.
Туристичката тура завршува пред базиликата „Света Софија“, со поглед кон „Александар Невски“. Повеќето посетители се задржуваат таму за фотографии и заминуваат со позитивни впечатоци.
„Луѓето во 99% од случаите се пријатно изненадени од Софија. Доаѓаат без очекувања и си заминуваат со многу убави впечатоци. Нашата работа е вистинска привилегија, бидејќи сме амбасадори на земјата“, вели водичот Никола.
