|

СДСМ: Кој ќе одговара за труењето на граѓаните кои институциите не ги евакуираа?

Повеќе од 500 илјади жители на Скопје и околината – граѓани, деца, мајки, болни и возрасни – биле оставени да дишат отров по пожарот во Трубарево, се вели во денешното соопштение на опозицијата.

„Олово, арсен и кадмиум во концентрации дури 12 пати над дозволеното имало во воздухот, а власта молчеше. Наместо да алармира, да преземе итни мерки, препораки и евакуација, власта ги убедуваше граѓаните дека опасност нема и не мрдна со прст,“ стои во реакцијата.

Според нив, со таквото однесување власта свесно го загрозила здравјето и животот на луѓето. „Кој ќе одговара за ова труење на граѓаните? Кој ќе одговара што институциите не ги предупредија луѓето, ги оставија да дишат штетни отрови и не ги евакуираа?“ прашуваат од опозицијата.

Од таму бараат итна истрага од Јавното обвинителство и кривична одговорност за сите службени лица кои со своето непостапување дозволиле да се загрози животот на граѓаните. „Оставки веднаш од министерот за внатрешни работи, министерот за здравство и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување,“ се наведува во соопштението.

Опозицијата оцени дека „Македонија досега не видела понеодговорна и кукавичка власт од оваа на ВМРО-ДПМНЕ“. Наместо да се соочи со кризите, како што додаваат, власта калкулира, минимизира и со лаги се обидува да си го спаси рејтингот, додека граѓаните плаќаат со сопственото здравје.

Слични Објави