Гувернерот на Бугарската народна банка: Еврозоната е стратешки избор за стабилност и раст
Пристапувањето на Бугарија кон еврозоната е стратешка одлука што ќе ја зајакне економијата во рамките на Европа, изјави гувернерот на Бугарската народна банка (БНБ) Димитар Радев пред Европскиот департман на ММФ во Вашингтон, јавува БГНЕС.
Според него, членството ќе ја зголеми отпорноста на земјата на надворешни шокови и ќе ја зајакне нејзината способност да придонесува за стабилноста и стратешката автономија на Европа. Радев нагласи дека тоа е почеток на поголема одговорност – за одржување на фискална дисциплина, зајакнување на институциите и спроведување доследни реформи.
Тој посочи дека Европа се соочува со сложена средина со високи геополитички ризици, засилена глобална конкуренција и несигурен пристап до енергетски ресурси. „Фискалната политика останува главен тест за доверба – разумноста не значи штедење, туку одговорност“, изјави Радев.
Според него, Бугарија располага со здрава надворешна позиција, низок јавен долг и стабилен банкарски систем, кои треба да станат основа за поголема продуктивност и иновации.
„Европа не треба само да се справи со несигурноста, туку и да ја претвори во двигател на обновување. Решителните и усогласени дејствија можат да го претворат нејзиното разновидие во извор на сила“, заклучи гувернерот на БНБ.
