Бесплатен доплер на каротидни артерии на Неврологија во рамки на отворениот ден по повод Светскиот ден на мозочен удар
Од 10 до 12 часот денеска Универзитетската клиника за неврологија организира бесплатни доплер прегледи на каротидните артерии за сите заинтересирани граѓани, без потреба од упат, пренесува Либертас. Настанот се одржува во рамките на отворениот ден по повод Светскиот ден на мозочниот удар (29 октомври) и има за цел да ја зголеми јавната свест за значењето на превенцијата, раното препознавање и навременото лекување на ова сериозно заболување.
Како што информираат од Министерството за здравство, активностите се организираат под мотото „Мозочниот удар се лекува“.
„Со организирање на отворениот ден за граѓаните, Клиниката испраќа порака за важноста на редовните прегледи и контролата на ризик факторите кои можат да доведат до мозочен удар, како што се зголемен крвен притисок, шеќер во крвта, зголемени масти, пушење и седечки начин на живот“, наведуваат од Министерството.
Со оваа иницијатива, здравствените институции потсетуваат дека навремената дијагностика и контрола на ризик-факторите може значително да го намали бројот на случаи на мозочен удар, кој претставува една од водечките причини за инвалидитет и смртност во земјата.
Отворениот ден е можност граѓаните да добијат корисни информации за превенцијата и третманот на мозочниот удар, како и практичен увид во сопственото здравје – без административни пречки и целосно бесплатно.

