(Видео) Ковачев: Северна Македонија останува во застој поради неизвршените обврски
Бугарскиот европратеник од ГЕРБ/ЕНП и член на Претседателството на Европскиот парламент, д-р Андреј Ковачев, во интервју од Брисел за емисијата „Уште од денот“ на БНТ ги коментираше новите извештаи на Европската комисија за проширувањето на ЕУ и подготвеноста на земјите-кандидати.
„За жал, Северна Македонија останува во застој. Тоа е лоша вест, затоа што сакаме проширувањето да продолжи за сите земји од Западен Балкан, како и за Молдавија и Украина“, изјави Ковачев.
Според него, додека Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина напредуваат, „Скопје се самоблокира поради неподготвеноста на своите власти да ги исполнат критериумите што самите ги имаат прифатено“.
„Независно од промените на владите, државата е иста и мора да ги исполни своите обврски“, нагласи европратеникот.
Ковачев посочи дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, победува на избори со антиевропска и антубугарска реторика.
„За жал, Мицкоски победува на парламентарните и локалните избори токму со таа тема. Многупати разговаравме со него да не ја користи Бугарија како инструмент за внатрешна политика, затоа што тоа е на штета на сопствените граѓани.“
Тој додаде дека по изборите очекува Скопје да ги обнови реформите и дијалогот.
„Се надеваме дека Христијан ќе го смени својот пристап и дека ќе се вратиме кон исполнувањето на договорот за добрососедство, потпишан од Бојко Борисов и Зоран Заев.“
Ковачев го нарече „безумно“ тврдењето на Мицкоски дека нема да ги спроведе уставните измени без гаранции од ЕУ и Бугарија.
„Не разбирам какви гаранции бара, кога има едногласна одлука на бугарскиот парламент – 195 гласа ‘за’, ниту еден против. Тоа е најсилната можна гаранција.“
Тој потсети дека во преговарачката рамка се наведени само јасни и правични услови – спроведување на договорите со Бугарија и Грција и годишните протоколи.
„Во нив нема ништо страшно – зборуваме за отсуство на говор на омраза, економија, туризам, инфраструктура, пријателство. Тоа се нормални односи меѓу две соседни држави.“
Во врска со инцидентот со осквернување на бугарското знаме на концерт во Скопје, Ковачев изрази жалење.
„Многу тажно е да се види таква реакција. Бугарија секогаш ѝ помагала на Македонија – за време на војната, при катастрофи, во тешки моменти. Таквото однесување е знак на незрелост и непочитување кон пријателска држава.“
Според европратеникот, позицијата на Бугарија сè повеќе добива разбирање во Европскиот парламент.
„Сè повеќе колеги сфаќаат дека не станува збор за тоа кој што бил пред 500 години, туку за дискриминација врз луѓе кои јавно ја изразуваат својата идентичност.“
Ковачев потсети дека над 200.000 граѓани на Северна Македонија имаат и бугарско државјанство по потекло, и дека е време Бугарија да ги олесни процедурите.
„Повикувам да се создаде јавен регистар при Министерството за правда и да се забрзаат постапките за нашите сонародници“, додаде тој.

