|

(Видео) Невладините организации во одбрана на Перев: Нападот е удар врз човековите права и медиумската слобода

Новинарот Владимир Перев кој е дел од бугарската заедница во Македонија, бил физички нападнат во Скопје, соопшти бугарското Министерство за надворешни работи.

Осумдесетгодишниот Перев изјавил за порталот Трибуна дека маж двојно помлад од него го удрил во лицето и му ги скршил наочарите, при што напаѓачот извикал дека Бугарите треба да одат во Бугарија.

Бугарскиот министер за надворешни работи, Георг Георгиев, телефонски разговарал со Перев и му понудил поддршка. Бугарското Министерство за надворешни работи остро го осуди инцидентот, оценувајќи го како уште еден чин на насилство од омраза кон Бугарин во Република Македонија, за кој, како што наведуваат, придонела актуелната социо-политичка атмосфера. Од Софија очекуваат надлежните институции во Скопје да спроведат навремена и ефикасна истрага, потсетувајќи дека европскиот пат на земјата подразбира целосна примена на европскиот компромис и гарантирање на правата на македонските Бугари.

Инцидентот се случува во период на зголемени тензии меѓу Македонија и Бугарија, поттикнати од застојот во процесот за внесување на Бугарите во македонскиот Устав.

Голем број невладини организации во земјава јавно излегоа со поддршка за новинарот Владимир Перев и со осуда за нападот врз него. Тие посочуваат дека станува збор за сериозно кршење на човековите права, особено затоа што Перев беше нападнат на национална основа, што дополнително ја влошува тежината на инцидентот.

Во своите реакции здруженијата ја нагласија неопходноста институциите да преземат итни и ефикасни мерки за целосно расчистување на случајот и за обезбедување поголема заштита. Тие потсетуваат дека нападите врз медиумските работници претставуваат директен удар врз слободата на изразување и демократските процеси во државата, и дека ваквите дела мора да бидат санкционирани без исклучок.

Извор: Дисидентски поглед



Слични Објави