Постигнат напредок на разговорите во Берлин за завршување на војната во Украина
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, и пратениците на претседателот на САД, Доналд Трамп, постигнале „реален напредок“ на разговорите во Берлин насочени кон прекин на војната со Русија, соопшти главниот украински преговарач Рустем Умеров, јави АФП, пренесува БГНЕС.
Умеров оцени дека интензивната дипломатија во германската престолнина била „конструктивна и продуктивна“ и изрази надеж дека до крајот на денот ќе биде постигнат договор што ќе придонесе за приближување кон мир, без да навлегува во детали за чувствителните прашања како територијалните отстапки и безбедносните гаранции.
Зеленски втор ден по ред одржува разговори со специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф, и со советникот и зет на американскиот претседател, Џаред Кушнер, во зградата на канцеларството на германскиот канцелар Фридрих Мерц, под засилени безбедносни мерки.
Американската страна, според извор запознаен со преговорите, продолжува да инсистира Украина да се откаже од контролата врз регионот Донбас како услов за мировни преговори со Русија, што Киев го смета за неприфатливо.
Подоцна, на средба со Зеленски требаше да се приклучат и европски лидери од Велика Британија, Франција, Италија, Полска и Финска, како и претставници на НАТО и Европската унија, во знак на поддршка за Украина.
Киев инсистира дека прекин на огнот мора да се постигне без претходни територијални отстапки, додека европските лидери нагласуваат дека идниот договор треба да обезбеди „праведен мир“ и да спречи нова руска агресија.

