Желјазков од Брисел: Немаме нерешени билатерални прашања со РСМ и спорови поврзани со таканаречениот компромис од јули 2022 г.
Бугарскиот премиер во оставка Росен Желјазков учествуваше на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Брисел. Тој изјави дека Бугарија нема нерешени билатерални прашања со Република Северна Македонија и дека не води спорови поврзани со таканаречениот компромис од јули 2022 година, јавува БГНЕС. Според него, ова е заедничка европска позиција. Желјазков нагласи дека ставот на Бугарија, како земја членка, е секоја држава кандидат за членство во Европската унија да биде оценувана за својот напредок врз основа на сопствените заслуги од страна на Унијата, а не од поединечна земја членка.
Во однос на прифаќањето на еврото Желјазков изјави дека нема загриженост во врска со влезот на Бугарија во еврозоната и објасни дека сè што е потребно е предвидено во Законот за воведување на еврото. Според него, со функционални институции, кои, како што изрази уверување, ќе бидат користени од идната службена влада за да се надминат стравовите, земјата ќе се справи и со овој предизвик.
На прашање од медиумите во врска со замрзнатите руски средства, премиерот во оставка посочи дека допрва ќе се разгледува како ќе изгледа регулативата и ја нагласи потребата од правна сигурност. Тој потсети дека позицијата на Бугарија секогаш била принципиелна во поддршка на суверенитетот на Украина, вклучително и можностите за финансирање на сè што е поврзано со постигнување траен и праведен мир, како и со обновата на земјата. Желјазков беше категоричен дека ставот на Бугарија ќе биде усогласен со оној на европските држави и ќе биде воден од целта за воспоставување траен и праведен мир, зачувување на суверенитетот на Украина и нејзина обнова.

