Бугарија домаќин на средба меѓу Грција, Романија и ЕК за коридорот Црно Море-Егејско море
Вицепремиерот и министер за транспорт и врски на Бугарија Гроздан Караџов е домаќин на средба меѓу Бугарија, Грција, Романија и Европската комисија. Форумот го означува почетокот на практичната работа по меморандумот за соработка за коридорот Црно Море – Егејско Море, потпишан во декември 2025 година во Брисел со поддршка на еврокомесарот за одржлив транспорт и туризам Апостолос Цицикостас, пренесува БГНЕС.
На средбата ќе бидат разгледани можностите за финансирање на проектите од европските фондови или преку јавно-приватни партнерства, како и начинот на кој трите држави заеднички да аплицираат за европска поддршка. Учесниците ќе дискутираат и за конкретните параметри на проектите, како и за роковите за нивна реализација, соопштија од прес-центарот на Министерството за транспорт.
Втората тема е надминувањето на административните и процедурните пречки кои традиционално ја забавуваат реализацијата на големите инфраструктурни проекти. Учесниците ќе разговараат за тоа во која фаза се наоѓаат веќе планираните иницијативи и ќе бараат практични решенија по прашања како режими за дозволи, јавни набавки, градежни стандарди и сл.
На настанот, што се одржи на 30 јануари, ќе учествуваат заменик-министерот за инфраструктура и транспорт на Грција Константинос Киранакис, државниот секретар за инфраструктура и транспорт на Романија Јонуц Кристијан Савоју, координаторот на европскиот транспортен коридор Балтичко Море – Црно Море – Егејско Море Марио Мауро, министерот за регионален развој и јавни работи Иван Иванов, министерот за одбрана Атанас Запрјанов, како и претставници на Европската комисија и на институциите што ќе го финансираат проектот.

