| |

Отворен кабинет за изучување на бугарски јазик со мултимедијална опрема во бесарабското село Камчик во Одеската област

Јазичен кабинет со мултимедијална опрема за изучување на бугарски јазик и литература беше отворен во бесарабското село Камчик во Одеската област во Украина. Тој е изграден во рамките на Бугарското неделно училиште, сместено во Домот на културата, за бугарската општествена организација „Камчик“.

Проектот е финансиран по програма за поддршка на организациите на бугарските заедници во странство на Министерството за надворешни работи на Бугарија и е реализиран во координација со Генералниот конзулат на Бугарија во Одеса, соопштува БТА.
„Датумот за отворањето на кабинетот беше закажан за 10 февруари и тоа не случајно. На тој ден во 1842 година во нашето село е отворено првото училиште. Во изминатите 184 години образованието тука секогаш било на почит“, изјави Иван Стојанов, претседател на „Камчик“.

Од своја страна, генералниот конзул на Бугарија во Одеса, Светослав Иванов, изрази благодарност до жителите на селото, претставниците на локалната власт и општествените дејци што го зачувале мајчиниот бугарски јазик, културата и традициите.

„Сакам да ја потврдам поддршката на Бугарија за Украина во војната против Русија. Преку поддршката на неделните училишта ние се стремиме да го зачуваме бугарскиот јазик, бидејќи сме свесни дека колку повеќе одиме кон иднината, толку потешко ќе биде да ги зачуваме нашите традиции“, рече дипломатот.

Во Бугарското неделно училиште учат 195 ученици од бугарско потекло од прво одделение до трета година средно. Образовната установа се финансира по националната програма „Мајчин јазик и култура во странство“ на Министерството за образование и наука на Бугарија и работи од 2018 година.

Слични Објави