| | |

Холокаустот и македонско-бугарските „гревови“

Атанас Величков

Во јуни ќе се навршат 7 години од обелоденувањето на еден благоречено провокативен предлог на македонскиот дел од Заедничката мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања на Република Северна Македонија и Бугарија. Во тие прекрасни времиња пред т.н „бугарски вета“, тогашниот тим од историчари, предводен од проф. д-р Драги Ѓорѓиев даде предлог датумот 7 октомври 1946 г. да се чествува заеднички од Северна Македонија и Бугарија во знак на почит кон Гоце Делчев. На тој датум посмртните останки на идеологот на борбата за слобода на македонските Бугари, биле предадени од бугарските комунисти, на македонските комунисти. Нема да се осврнуваме на тоа, чија и зошто била донесена таа одлука. Бесподобното придворно однесување кон Сталин и Тито на бугарските безродници комунисти од тоа време исто така нема потреба од коментар. Системот Сталин-Тито-Димитров-Коминтерна пропадна и историјата го презре.

Идејата еден ваков датум да стане повод за заедничко честување, сепак може да се нарече и корисна, на еден повулгарен начин. „Креативното“, но за среќа неостварено решение на историчарите од страната на Северна Македонија во комисијата, може да послужи и како инспирација за други такви предлози за датуми што ќе се претворат во заеднички прослави.

Примерно, можеме да го прославуваме ликот и делото на некој интелектуалец во Вардарска Македонија, кој во март 1943 г. го кренал гласот против депортацијата на Евреите од овој дел на географска Македонија. Има ли похуман начин, да се покаже почит кон жртвите од тоа, да се испочитуваат, заедно со ликот и делото на нивниот заштитник. Историчарите нека истражат и да го обзнанат името на тој или тие интелектуалци. Се разбира дека, тука треба да се работи за етнички Македонец, кој бил на антибугарски и хумани позиции, дури и не е задолжително да се наоѓал во истиот период во Штип, Битола или Скопје. Ако се повеќе лица, уште поубаво. Во Бугарија такви биле Димитар Пешев, Асен Суичмезов, Иван Момчилов, Петар Михалев и Владимир Куртев.

Овие петмина бугарски патриоти од градот Ќустендил сигурно имале многу гревови, но најголем од сите веројатно бил фактот што не биле ниту комунисти, ниту партизани. По завршувањето на војната некои од нив биле убиени, некои ослепеле од болест (како во античко време), сите со конфискувани имоти, без право на работа, и со социјален и личен живот, оставен на милоста на нивните сограѓани од Ќустендил.

Спомнатите бугарски патриоти, подоцна прогласени за „праведници на светот“, заедно со поголемиот дел од бугарската интелигенција, царот Борис III и Бугарската православна црква успеале да ги спасат Евреите на територијата на тогашното царство Бугарија.

Овде треба посебно да го спомнеме Владимир Куртев, кој бил близок соработник на оцрнетиот од бугарските и македонските комунисти последен водач на ВМРО Иван Михајлов. Важно е да напоменеме дека Куртев и во моментот на неговите активности во тогашно време бил „на погрешната страна на историјата“- омилената флоскула на бугарските и македонските комунисти за секој, кој не се приклучил на триото Сталин-Тито-Димитров. Во таа смисла, тоа значи дека не му свртел грб на Михајлов и не сакал да се откаже од идејата за независна, слободна и демократска Македонија, наспроти идејата за советска Македонија и Задунавска губернија на Република Бугарија. Тоа според елементарната логика на трустот на коминтерновски мозоци, што упорно ја инструментализира историјата, за да наметнува омраза кон Бугарија и Бугарите, значи дека Куртев би требало да биде „фашист“ и „антисемит“. Но вистинската историја, кажува друго.

Би било прекрасно да ги научиме имињата на човекот или луѓето кои биле пандан на овие петмина угледни граѓани на Ќустендил од македонска страна. Добро би било да ја дознаеме и нивната понатамошна судбина. Сигурно постоел некој македонски интелектуалец, кој макар и да не престојувал во „окупирана“ Македонија го кренал гласот против депортацијата? Може биле група интелектуалци, убаво е да ги знаеме нивните имиња.

Овде од старт сакаме да ги „амнистираме“ македонските и бугарските партизани и истурени комунистички гаулајтери. Првите до 1943 г. не можеле да се пофалат со некоја поголема масовност на своето движење, а вторите се сетиле дека треба организирано да се борат против бугарскиот „монархофашизам“ дури по нападот на Хитлер врз Сталин во летото на 1941 г. За волја на вистината бугарските комунисти и слуги на СССР имале и минат труд во почетокот и средината на 20-те години на минатиот век, но т.н Септемвриско востание од 1923 и бомбашкиот напад врз црквата „Света Недела“ од 1925 г. во Софија се настани, со кои се гордеат само најкрајните бугарски левичари, оние кои го поистоветуваат и го пропаѓираат социјализмот со тероризам.

Би било невоспитано од страна на некои од читателите на овој напис, да побараат сметка на старите михајловисти, што живееле од април 1941 до септември 1944 на територијата на географска Македонија. Тие, без суд и пресуда биле поставени во графата колаборационисти на бугарскиот „монархофашизам“ и биле ликвидирани веднаш по 9 септември 1944 од македонските и бугарските комунисти.

Наша последна надеж, остануваат оние „чистите“ македонски патриоти, кои не биле ниту партизани, зафатени во борбата со „окупаторот“, ниту михајловисти, зафатени со служење кај истиот тој „окупатор“. Имало ли такви???

Историчарите од сегашниот состав на македонскиот дел од комисијата сигурно имаат сознанија за таква личност или личности. Датумот на раѓање или уште подобро датумот на самиот проглас против депортацијата на македонските евреи, потпишан со име и презиме, по примерот на петмината од Ќустендил и бугарските пратеници што го потпишале повикот за неиспраќање на бугарските евреи во нацистичките логори на смртта, би бил прекрасен датум за заедничко чествување меѓу двете земји.



Слични Објави