| |

„Цврстото“ одбивање на уставните промени од Мицкоски и гласниот молк на пратениците од власта

Ивон Величковски

Очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ се соочува со притисок од внатре против определбата на партиското раководство да го закочи евро-интегративниот процес на Северна Македонија:

1. „Додека сум јас премиер“ на Мицкоски е временска отсечка и персонализација на тоа кој ги блокира евроинтеграциите.

2. Молкот на пратениците откако Мицкоски јавно одби Северна Македонија да ги продолжи ЕУ-преговорите покажува дека колку „поцврсти“ изјавите, толку повеќе Мицкоски превенира „омекнување“ во своите редови.

И тоа не го санираат опинионистите на социјалните мрежи ниту „Вучиќеви патетики“ во утрински програми.

Премиерот знае дека сите знаат – изјавеното навидум „ја подига летвичката“, но всушност е само исчекување на епилогот на изборите во Унгарија. Промената на унгарската влада за него, како и за Вучиќ значи прекин на анти-интегративниот кислород што Белград и Скопје го вдишуваат од Будимпешта во интерес на Москва и Пекинг.

Опозицијата не смее да се води од исчекувањето на исходот во Будимпешта. Освен ако не е во коалиција со Орбан преку коалиција со Мицкоски. Затоа парламентарната опозиција мора да ги предложи уставните амандмани сега.

Определбата на Мицкоски за запирање на ЕУ-интеграциите на Северна Македонија е очигледна повеќе од една година.

За познавачите и пред се за оние што немаа обврска да се прават дека не ја гледаат.

Затоа во три наврати НОВА РЕПУБЛИКА ја повикува(ше) парламентарната опозиција да се одважи и да го поднесе предлогот. Повикот важи и сега, за да се стигнат роковите процедурата во Скопје да заврши пред чекањето ново Претседателство со ЕУ во Брисел.

Доколку се подготвени да докажат дека:

– немаат обврски кон Мицкоски,

– се подготвени да се откажат од нив ако веќе ги имаат, или

– дека не се обврзани на идна соработка со Мицкоски.

Конкретно, доколку парламентарната опозиција што ги адресира македонските и неалбанските гласачи е опозиција – ќе ги поднесе потребните амандмани без калкулација.

При уставен минимум од 30 пратеници, доколку и парламентарната опозиција што ги адресира албанските гласачи е опозиција и спротивставена на Мицкоски – ќе го потпише предлогот.

Тоа ќе ги „отвори“ и пратениците од ВЛЕН и ЗНАМ. Нивната непријатна позиција за нас секако не е причина за сожалување.

Дотолку повеќе што и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ – особено поискусните – се свесни дека над нив и нивната партија се надвиснува „малтешката стапица“ во која упаднаа во последниот мандат на Груевски. Нивниот избор е стеснет меѓу националниот интерес на Северна Македонија и интересот на едно раководство / една премиерска кариера.

НОВА РЕПУБЛИКА, како национално-центристичка партија, нема илузија дека ова е од интерес и на македонскиот народ и на целата нација на Северна Македонија.

Исто како што немаме илузија дека ова не е прашање на идеологија, туку на:

– владеење на правото, низ спроведување на одлуките и актите на Собранието, и

– еднаквост на граѓаните, низ остварување на личните и колективните права дефинирани со Уставот и неговиот модел.

И конечно, немаме илузија дека овие принципи и цели не се бранат со писма до Брисел, туку со дејствување во Скопје и во секој град и село во Северна Македонија. Постојано.



Слични Објави