|

Нов систем во Центар: Бесплатно паркирање за едно возило по стан во зоната, нови правила за жителите

ЈП Паркинзи на Општина Центар воведува нов модел за организација и користење на јавните паркиралишта, со кој секоја станбена единица ќе добие бесплатно паркирање за едно возило во зоната на живеење, соопшти претпријатието.

Како што информираат од ПОЦ, измените во новите подзаконски акти имаат цел да обезбедат поголема достапност на паркинг-просторот за жителите, подобра ефикасност во управувањето и унапредување на квалитетот на услугите.

„Со новиот модел, секоја станбена единица добива обезбедено бесплатно паркирање за едно возило во својата зона, како гаранција за приоритет и достапност за жителите. Дополнително, се овозможуваат и проширени опции за користење на услугите на претпријатието за корисниците кои имаат потреба од тоа“, наведуваат од ПОЦ.

Од претпријатието посочуваат дека новите решенија треба да овозможат појасна организација на паркинг-системот, подобра контрола и поефикасно користење на постојните капацитети, со што ќе се создадат услови за намалување на сообраќајниот притисок и поттикнување на поодржливи навики во движењето низ градот.

Средствата остварени од наплата на услугите, според ПОЦ, ќе бидат насочени кон инвестициски циклус за модернизација на инфраструктурата, унапредување на техничките решенија, дигитализација и подобрување на услугите за граѓаните.

Измените опфаќаат и усогласувања кај дел од услугите и надоместоците што се однесуваат на месечните паркинг-карти, комерцијалните услуги и услугите на пајак-службата.

Како дел од новините, се воведува и Зона Х – хуманитарни паркинг-места, кои ќе бидат јасно обележани и наменети за поддршка на ранливи категории граѓани.

„Средствата собрани од користењето на овие паркинг места ќе се донираат за хуманитарни цели, во соработка со Црвениот крст на Република Северна Македонија“, соопштија од ПОЦ.

Директорот на ЈП Паркинзи на Општина Центар, Душко Коцевски, изјави дека со измените се воведува „појасен и поправеден систем на користење на јавните паркиралишта“.

„Со овие измени воведуваме појасен и поправеден систем на користење на јавните паркиралишта, во кој жителите го задржуваат приоритетот во секторот на живеење. Истовремено, создаваме основа за сериозен инвестициски циклус, модернизација на инфраструктурата и унапредување на услугите што секојдневно ги користат граѓаните“, рече Коцевски.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, оцени дека измените се насочени кон поефикасно користење на јавниот паркинг-простор и подобра достапност за жителите.

„Целта е жителите да имаат подобра достапност до паркинг во близина на своите домови, а системот да биде пофер, поодржлив и подготвен за понатамошни инвестиции и модернизација“, истакна Герасимовски.

Од ПОЦ велат дека со измените се поставува основа за појасен, пофункционален и поодржлив систем на паркирање, усогласен со реалните потреби на граѓаните и урбаното живеење.

Слични Објави