|

Се очекуваат нови соеви на ковид-19! – Филипче: Ризиците од вирусот ќе продолжат и понатаму

Јасно е дека нема да запре трендот на појава на нови соеви на вирусот, а веројатно делта сојот нема да биде последниот сој на овој вирус, изјави министерот за здравство Венко Филипче. Според него, ова значи дека ризиците од вирусот ќе продолжат и во иднина, па поради тоа се препорачува примање трета доза од некоја од анти-ковид вакцините.

Во меѓувреме, бројот на новозаразени со коронавирус повторно зема замав, но сѐ уште нема притисок врз болниците, додава ресорниот министер.

Удвојување на бројот на заразените е забележано и во извештаите на Светската здравствена организација.

„Речиси четири милиони случаи беа пријавени во СЗО минатата недела, а според актуелните трендови очекуваме вкупниот број на случаи да надмине 200 милиони во следните две недели. Во просек, во пет од шест региони на СЗО, во последните четири недели заразите се зголемија за 80%, или речиси двојно. Голем дел од ова зголемување се должи на делта сојот, кој досега е откриен во најмалку 132 земји“, истакна Тедрос Аданом Гебрејезус.

Од Министерството за здравство информираат дека заклучно до вчера се вакцинирале околу 514.021 граѓанин. Филипчe ги повика граѓаните масовно да се имунизираат, бидејќи ако евентуално се воведат рестриктивни мерки, првите засегнати ќе бидат токму невакцинираните граѓани.



Слични Објави