| | |

Белите крстови на храброста: Бугарскиот дух не умира

Атанас Величков

Георги Проданов, Петар Ќосев, Пешо Ников, Јордан Харизанов, Димчо Костадинов, Никола Мицев, Станимир Виденов, Георги Петров… Ова се само дел од имињата запишани на белите крстови во Воениот меморијал кај Ново Село, струмичко. Таму на исти такви бели крстови со изглабен медал за храброст се запишани имињата на уште неколку десетици бугарски војници и офицери. Загинати, во виорот на војните за честа и славата на Бугарија. Оти стотиците илјади млади бугарски војници не гинеле само за обединувањето на бугарското земјиште, тие умирале и за достоинството на својата Татковина.

Денес можеме да ги прочитаме имињата на дел од загинатите, некои од нас, ќе се запрашат, дали истите, имаат наследници и како последните го чуваат споменот за своите храбри предци. Други едноставно ќе ги наведнат главите во знак на почит, кон саможртвата на тие храбри мажи, чии имиња од белите крстови задолжуваат. Долгот е наш, во тоа нема дилема. Нам ни се падна одговорноста, смртта на овие луѓе да не биде залудна. Таква одговорност имале тие пред нас и оние што ќе дојдат после нас. Тоа е вистинската меморија, испишана со крв и храброст, а не во некоја темна канцеларија наполнета со пробисвети, кои чкрателе едно, допишувале второ и стратешки пропуштале трето.

На 6 мај 2026 г. Бугари од цела Бугарија и Северна Македонија за 20-ти пат отидоа да оддадат почит на бугарскиот Воен меморијал кај струмичкото Ново Село. Самото постоење на меморијалот во неговиот денешен достоинствен вид го должиме на Министерството за одбрана на Бугарија и на големиот бугарски мецена д-р Милен Врабевски. Овде не треба да се изостави и трудот на сите други инволвирани во процесот. Тоа е нивниот придонес, денес, да можеме да им оддадеме почит, на оние кои загинале пред повеќе од 100 години, за како што кажа во својот говор амбасадорот Радуков „нашата денешна слобода, нашето членство во обединета Европа, нашата можност да одлучуваме за својата иднина…“.

Најубавиот дел од настанот беа децата. Ученици од Гоце Делчев, Петрич, Благоевград, Рибново, Јакоруда, Абланица, Вʼлкосел, Кочан, Слаштен, Белица, Дабница, Сатовча. Тие, ќе мораат да го зачуваат споменот за храброста и самите ќе се научат да носат храбри одлуки оти така функционира бескрајниот круг на животот.

Пораките што ги слушнаа присутните на свеченоста, го покажаа единството на бугарското национално ткиво, нешто што не им се допаѓа на многумина внатре и надвор од самата Бугарија. Пред белите крстови со имиња и медали за храброст, сите што отишле таму со чиста намера ја разбираат тежината на жртвата. Фотографиите се само сведоштво за тоа, дека многу нешта можат и можеби треба да бидат заборавени, но храброста во одбрана на Татковината и смртта во име на нејзиното достоинство не треба и нема да станат некаква одмината мода.

На настанот својата почит кон загинатите бугарски офицери и војници ја оддадоа и воените аташеа на Кина, Хрватска, Унгарија, Романија, Турција, Украина, Италија и САД во Република Северна Македонија. Нивниот став „мирно“ пред општиот споменик на загинатите со натпис „Българио! За тебе тѣ умрѣха 1915-1918“ не е, и никогаш не бил само дипломатски гест. Тоа е оддавање почит, кон офицерите и војниците, кои паднале во борба, најдостојниот крај за животот на еден човек. Луѓето во воена униформа најдобро го знаат тоа и затоа нивниот израз на почит не е само дипломатска должност.

И оваа година имаше заедничка заупокојна молитва на свештени лица од Република Северна Македонија и Република Бугарија. Оти како што рече струмичкиот владика дедо Наум „сите ние сме браќа и чеда во Христа“. Тука поделбата и омразата поставени наспроти големината и благоста на нашиот Отец, немаат никаква шанса за успех. Достоинството на свештените лица е пример за многу други, кои ја зачуваа традиционалноста на својата отсутност на настанот.

Дали воопшто треба да се пишува во однос на тоа? Дали би имало некаков ефект истото тоа пишување? Самиот факт што во известувањата за настанот недостасуваат имињата на официјалните лица од страна на Република Северна Македонија зборува многу. И тоа што може да се прочита меѓу редовите на таа отсутност не говори добро за тие што ги немаше на свечениот настан. Кажува многу за нивниот селективен однос во демонстрацијата на добри домаќини, за непочитувањето кон споменот на загинати војници, за културата воопшто…

На јарболите во воениот меморијал се вееја знамињата на Република Бугарија, Република Северна Македонија и Европската Унија. Таа симболика еден ден ќе стане реалност, Бугарија и Северна Македонија ќе бидат заедно во европскиот дом. Тоа ќе се случи и покрај напорите во спротивна насока на одредени кругови во земјата и покрај отсутноста во моментите за оддавање почит. Никој не успеал да биде доволно „отсутен“ за да не се соочи со својата судбина.

Почивайте под тез могили ледни:
не ще да чуйте веч тръба, ни вожд,
ни славний гръм на битките победни,
към вечността е маршът ви последни.
Юнаци, лека нощ!

Слични Објави