| |

Изложбата „Хераклеја Синтика – тајни и мистерии. Патување низ времето“ гостува во Познањ

Изложбата „Хераклеја Синтика – тајни и мистерии. Патување низ времето“ гостува на Универзитетот „Адам Мицкевич“ во Познањ, Полска, јавува Пиринско.

Поставката ги претставува највредните наоди од еден од најзначајните археолошки локалитети во Бугарија – Хераклеја Синтика. Посетителите можат да видат копии од артефакти од фондот на Историскиот музеј во Петрич, меѓу кои биста на Дионис, мермерна женска глава, заветни плочи со претстави на Тракискиот коњаник, Ника и Немезида, како и театарски маски.

Посебно внимание е посветено на пристапноста, па изложбата е подготвена за широка публика со описи на полски и англиски јазик, на Брајлово писмо и QR-код за пристап до дигитален двојник и анимиран клип.

Изложбата се одржува под покровителство на почесниот конзул на Република Бугарија во Полска, проф. Рафал Димчик.

Таа беше отворена од заменик-ректорот на Универзитетот „Адам Мицкевич“, проф. д-р Михал Банашак, деканот на Факултетот за полска и класична филологија, проф. д-р Кшиштоф Скибски, деканот на Историскиот факултет, проф. д-р Пшемислав Матушик, градоначалникот на општина Петрич, Димитар Брчков, директорот на Бугарскиот културен институт во Варшава, д-р Петар Љангузов, како и директорката на Историскиот музеј во Петрич, инж. Катја Стојанова.

Во рамки на туристичката конференција на универзитетот беа претставени можностите за туризам во општина Петрич, а со директорот на Институтот за славјанска филологија беше разговарано за можностите за образовна размена на полски и бугарски ученици и студенти.

Досега изложбата гостувала во Будимпешта, Братислава, Дион и Варшава.

Изложбата ќе остане отворена во Collegium Maius на Универзитетот „Адам Мицкевич“ во Познањ до 20 мај, а влезот е слободен.



Слични Објави