| |

Во Софија беше одблежан 9 мај-Денот на Европа и беше оддадена почит на бугарските војници загинати во Втората светска војна

Претседателката на Бугарија Илијана Јотова, заедно со бугарскиот премиер Румен Радев и министерот за одбрана Димитар Стојанов, положија венци и цвеќе пред Споменикот на незнајниот воин во Софија, во чест на загинатите бугарски воини по повод 81 година од крајот на Втората светска војна.

„На овој ден го одбележуваме Денот на победата – денот на победата во Втората светска војна, крајот на Втората светска војна, најголемата трагедија во човечката историја. Денес го одбележуваме и денот на победата и просперитетна и мирна Европа, за која сонуваа нејзините основачи“, изјави Јотова. Таа додаде дека во време кога светот повторно е растргнат од конфликти, постои голема обврска кон идните генерации да им се остави мир.

Премиерот Румен Радев изјави дека 9 мај е „ден на поклонение кон сите луѓе кои ги дадоа своите животи за слободата и за ослободувањето на Европа од нацизмот“. Тој посочи и дека американскиот претседател Доналд Трамп спречил можна ескалација меѓу Русија и Украина. „Знам дека во моментов сè е мирно и тоа е многу важен знак“, рече Радев, изразувајќи надеж дека дипломатските напори ќе продолжат.

По повод Денот на Европа, пред претседателската институција свечено беше подигнато знамето на Европската Унија. Претседателката Илијана Јотова го прими почесниот строј на Националната гарда.

На церемонијата присуствуваа премиерот Румен Радев, министри од новата редовна влада, градоначалникот на Софија, претставници на парламентарните партии, високи воени претставници, претставници на верските заедници и граѓани.

Министерката за надворешни работи на Бугарија Велислава Петрова-Чамова беше дел од свечената церемонија по повод Денот на Европа. Од Министерството за надворешни работи порачаа дека на Денот на Европа се одбележуваат единството, мирот и солидарноста што ги обединуваат европските народи. Оттаму истакнаа дека по 19 години членство, Бугарија е подготвена да биде уште поактивен партнер и да придонесува за силна, безбедна и обединета Европа, заснована на демократијата и владеењето на правото.



Слични Објави