| |

DARA пречекана како хероина во Софија по победата на Евровизија

Победничката на „Евровизија 2026“, DARA, беше пречекана со бурни аплаузи, радосни извици и десетици фанови на Терминал 2 на аеродромот „Васил Левски“ во Софија, јави БГНЕС.

Пејачката го поздрави насобраното множество, кое ја дочека со бугарски знамиња, цвеќиња и скандирања „DARA, DARA!“.

„Бангаранга за сите!! Евровизија е почеток на мојата интернационална кариера. Оттука натаму има уште што да се освојува. Затоа да се фатиме за работа“, беа нејзините први зборови.

DARA изјави дека успехот е лекција дека Бугарија треба да ги поддржува талентираните изведувачи и додаде дека љубовта од публиката е неопходна „за да го освоиме светот“. Таа им се заблагодари на граѓаните за огромната поддршка.

Генералната директорка на БНТ, Милена Милотинова, изјави дека сите се „исклучително среќни“ и порача: „Можеме кога веруваме во себе. Човек е голем колку што се големи неговите соништа“.

Салата за пристигнувања на аеродромот се претвори во море од фанови и барања за автограми по историскиот триумф на бугарската претставничка на „Евровизија 2026“.

На пречекот присуствуваа министерот за култура Евтим Милошев, директорот на Граничната полиција Антон Златанов, градоначалникот на Софија Васил Терзиев, како и други официјални претставници.

DARA во живо ја изведе победничката песна „Bangaranga“ на Терминал 2 на аеродромот.

Слични Објави