(Нe)надминато минато-македонскиот идентитет под сенките на Хрушчов, Тодор Живков и Јосип Броз (1)
Владимир Перев
1.
Низ македонските и (порано) југословенските медии, кога се говори за македонскиот национален идентитет, обично се споменува ткн. Димитровски период, поточно времето на владеењето на Георги Димитров, како период на полно признавање на македонската нација и јазик, како во тогашната република Македонија, така и во делот од Бугарија, познат како Пирински крај. Подоцна, со заминувањето на Димитров и појавата на Тодор Живков на политичката сцена во Бугарија, ситуацијата кардинално се променува-наводно, има негирање на македонската нација и јазик, како и нејзините историски придобивки. Сето ова не е случајно, а конечната “бугарска разврска на македонскиот вопрос“, се одигрува на партискиот пленум на ЦК БКП во март 1963 година. Настанот има своја предисторија.
2.
Мартовскиот пленум на ЦК БКП се одржува на 11 и 12 март 1963 година во Софија, како последица од средбите на Тодор Живков со Никита Хрушчов во Москва, средбите со Валтер Улбрихт во Берлин и средбата со делегацијата на ЦК СКЈ предводена од Јосип Броз Тито во Белград. Ако средбите со Хрушчов и Улбрихт се нешто како редовни настани и консултации во рамките на социјалистичкиот лагер и Варшавскиот пакт, средбата со делегацијата на СКЈ е барана лично од Тито и југословенското раководство, а организирана преку амбасадорот на СФРЈ во Софија, Ајтиќ. Делегацијата на СКЈ е предводена од Тито а во неа учествуваат и Едвард Кардељ, Александар Ранковиќ, Мијалко Тодоровиќ, Коча Поповиќ, Добривое Видиќ и ред други истакнати југословенски раководители.
3.
Стенограмот од седниците на ЦК БКП од март 1963 година е обемен материјал, но на окoлу дваесетина страници се содржи делот, како за средбата на бугарската делегација со југословенските политичари, така и за погледите кон таа средба од страна на Тодор Живков. Наспроти вообичаеното мислење за Тодор Живков (прифатено и кај нас и во Бугарија) како за „обичен припрост и лукав селски раководител“, од стенограмот се гледа нешто друго. Пред нас се пoјавува еден, веројатно вистинскиот Живков, политичар со висок стил, елоквентна и јасна мисла и систематично дијалектичко излагање на кое секој денешен интелектуалец би му позавидел. Кратки јасни реченици, никакви недоследности и нејаснотии и чиста мисла, се основните карактеристики на неговото излагање.
4.
Живков почнува со срдечните односи, љубезноста и сентименталноста на Тито, но и со подлоста на Кардељ кој сакал да го омаловажи пред двете делегации. Но, Живков е јасен: Нашата партија ја признава особеноста на македонската нација создадена како резултат на Втората светска војна…нација создавана на антибугарска основа…нација која секојдневно води антибугарска политика низ своите медии…ниту во средновековието, ниту во модерната истрија нема поим како “македонска нација“…на тој народ му се наложува друга писменост и србизација…во Пиринско може некој да сака да биде македонец, но не може да има македонска нација, тоа е бугарска нација…ние на тие нешта ќе се спротиставиме… На Живков, во Белград никој не му се спротивставил!
5.
Ова е накратко содржината од дваесетината страници (од 268 до 289) од обемниот стенограм на Мартовскиот пленум. “Македонските приказни“ пред Европа дека денешната Влада или Претседателство на Бугарија водат негирачка политика кон Северна Македонија, нејзината национална посебност и јазик, се без основа. Прашањето за тоа кои сме ние и колку длабоко сме во историјата со нашето име, се решени и закопани на средбите во Москва, Берлин и Белград. Нашето посегнување кон антиквизацијата и кон бугарската преродбенска историја, ги возбуди духовите во Европа…ако некој и таму реши да ја пренапишува историјата на Франција, Германија или Италија, ќе ги уништи утврдените тековини на повеќевековната призната европска историја. Тоа нема да стане.
6.
Читателите на Трибуна мк ќе имаат можност во изворна форма, на бугарски јазик, да се запознаат со излагањето на Тодор Живков на Мартовскиот пленум на ЦК БКП во 1963 година. Мислам дека ќе бидат задоволни од јасните изразни средства на Живков…па макар и некој друг да го подготвувал излагањето. Па и Тито сам не ги пишуваше своите говори…





Продолжува…

