| |

Од Изида до (црната)Атена – стравот како сила

Никица Корубин

“Јавниот линч” во злоупотребата на правото на слободен говор кој го овозможува (само) демократијата; како да стана редовна “забава” во јавниот дискурс. И иако тој знае да биде резултат на чувството на немоќ, што неретко се случува во ситуација на латентна партизација, партократија и заробено општество; тригерот и платформата е сепак резултат на организирана “хајка”, која е невозможна за било кое индивидуално мислење. Но, жестокоста со кој беше проследен последниот (од низата) – “јавниот линч” кон Рубин Земон, како пример и модел, може да биде знак на подлабок страв.

И иако, се чини дека причината беше неговата изјава (извадена од контекст) за конструктот за историска фигура како Гоце Делчев; позади кој “параван” застанаа сите “бранители на идентитетот”; дали всушност проблемот беа генералните ставови и позиции на самиот Рубин Земон, и перцепцијата за него во јавноста, како “модел на јавна личност” врз кој ќе може да се “тренира казната” без “правото на одбрана”?

Научник, доктор по етнологија, политичар, спортист, интелектуалец, отворен и искрен југо-носталгичар, космополит, Еѓипќанец – и веројатно можеби многу повеќе “србофил” отколку “бугарофил” во етикетата која ја “лепи, судот на јавноста”. Со еден збор “подобен”. Подобен за “стандардите” како треба да изгледаат ставовите на една јавна личност. Кој наеднаш “шокира” со историска дилема за (само) една историска личност – несомнено исклучително важна – во цела низа историски ликови, и од поблиското и од подалечното историско минато; во благо проблематизирање на историскиот наратив.

И ако тој може да има “либерален” став, кој е инаку редовна пракса во научната сфера (постојано преиспитување на историските тези); што останува од “тврдата позиција” на “забранетите теми”? Дополнителната доза на класична ксенофобија и расизам, со која беше “почестен”, и на радикалното проблематизирање на неговиот идентитет, преку дупла дискриминација и на ромскиот идентитет – прилично “гласно” говори за наративот за “загрозеноста на македонскиот идентитет”. Кој вака поставен кон другите етноси, се чини дека прилично лесно “скока” од улога на жртва во улога на џелат.

Фасцинира, инаку, “грижата” за Гоце Делчев, наспроти “негрижата” за Ванчо Михајлов, која беше покажана од “загрижената јавност” кон ставовите на Рубин Земон; кои изложени како негов личен став беа далеку “попроблематични” во дискусија базирана на факти во контекст на македонската историја, пред се’ на првата половина на 20-од век; која сама по себе ја даде “дијагнозата” за целата фингирана хистерија, без ниту еден изговорен збор. И (не)свесно ја потврди самата дилема, отворена од него: се брани идентитетот или се брани наративот за идентитетот, односно конструкцијата за она што е подобно да биде идентитет?

Но, на крајот се’ се сведува на знаењето, контекстот и историјата базирана на факти, кое што систематски се суспендира, компромитира и контролира, во јавниот дискурс кај нас. Затоа што, знаењето во демократијата е клучно, за да може да функционира нејзиниот клучен механизам – изборот. Изборот базиран на права и должности. Изборот базиран на почитување на туѓото право, а не негово исмевање и дискриминирање. Изборот базиран на вистина, а не константна лага и манипулација.

Изида од насловот е метафора за дискусија базирана на знаење, почит и добра воља. И за идентитетот кој се базира на културното наследство кое систематски се уништува право-пропорционално со декларативната грижа за него. Таа, Изида е египетска божица, чиј култ се шири надвор од Египет во хеленистичкиот период, после освојувањата на Александар Македонски и во Македонија, а сведок е импозантната мермерна скулптура од Охрид.

“Црната” Атена (дело на Мартин Бернал) е метафора за науката базирана на факти, која е всушност “жива материја” на постојано преиспитување, на научни и методолошки основи, преиспитување на сите “митови и фикции” кои секогаш ги создава сегашноста во име на минатото.

Па, затоа главното прашање не е минатото и историјата сами по себе, туку кој и зошто манипулира со минатото во име на сегашноста? И тука сме сите жртви, како граѓани, како индивидуалци, како што реално и брутално беше “жртвуван” Рубин Земон поради искажан став, “неподобен” за јавноста која се проектира да биде постојана “жртва”. За да нема реалност, туку постојана фикција. Во “наше” име и на наша сметка.

Слични Објави