Дуда: Бугарија има клучна улога во новата оска Север–Југ на Европа
Поранешниот полски претседател Анджеј Дуда изјави на форумот „Green Transition“ во Софија дека Бугарија има стратешка улога во изградбата на новата инфраструктурна оска Север–Југ и се претвора во важен центар за транспортна, енергетска и дигитална поврзаност меѓу Балтичкото, Црното и Средоземното Море, јавува БГНЕС.
„Софија не е периферија на оваа карта. Таа е блиску до нејзиниот центар“, изјави Дуда, нагласувајќи ја стратешката вредност на Бугарија поради врските со Црното Море, Балканот, Турција и Блискиот Исток.
Според него, Европа се наоѓа на историска пресвртница и може да конкурира со САД и Кина само со поголеми инвестиции во технологии, енергетика и инфраструктура, како и со пофлексибилна индустриска политика. „Технолошкиот суверенитет не е слоган. Тој е прашање на опстанок“, истакна Дуда.
Тој ја критикуваше дел од регулаторната политика на ЕУ, оценувајќи дека бавните процедури ги одложуваат стратешките проекти и ја намалуваат конкурентноста на Унијата.
Дуда посебно ја истакна иницијативата „Три мориња“, која обединува 13 држави, оценувајќи дека може да стане нов економски ‘рбет на Европа преку транспортни, енергетски и дигитални коридори. Според него, недостигот на поврзаност по правецот Север–Југ е не само транспортско, туку и геополитичко прашање.
„Нашиот регион повеќе не е периферија на Европа. Тој е нејзина предна линија и сѐ повеќе – нејзин ‘рбет“, изјави Дуда, повикувајќи на посилна улога на Централна и Источна Европа во институциите на ЕУ и забрзување на проширувањето кон Западен Балкан и Украина.
