Украина ја задржува заштитата за бугарскиот и на уште 11 малцински јазици во земјата
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го потпиша законот №4699-IX, со кој се ажурира примената на Европската харта за регионални или малцински јазици во Украина, јавува бугарски Фактор.
Со новите одредби, посебниот режим на поддршка и заштита ќе продолжи да важи за 12 јазици: бугарски, белоруски, гагауски, кримскотатарски, новогрчки, германски, полски, романски, словачки, унгарски, чешки и хебрејски.
Рускиот јазик е исклучен од списокот на јазици за кои се применуваат механизмите на Хартата. Според претседателот на украинскиот парламент, Руслан Стефанчук, ова е „праведна одлука“, бидејќи „јазикот на државата агресор не може да ги користи инструментите за заштита наменети за поддршка на автохтоните народи и националните заедници“.
Одлуката не го забранува користењето на рускиот јазик во Украина, туку го менува неговиот статус во однос на меѓународниот механизам за посебна заштита на регионалните и малцинските јазици.

