| | |

(Видео) Бели рози на автомобилите на амбасадата на Северна Македонија во Бугарија: „Не на омразата. Ние не сме непријатели“

Група Бугари одговорија на палењата на бугарски дипломатски автомобили во Северна Македонија со бели рози врз автомобилите на амбасадата на Република Северна Македонија во Софија, јавува Актуално. Освен бели рози, Бугарите поставиле и плакати на англиски јазик со следнава порака: „Не на омразата. Ние не сме непријатели. Цвет за пријателството“.

Се дозна дека бугарските полицајци им забележале на граѓаните да не поставуваат цвеќиња, а исто така им ги побарале личните карти за да ги проверат. Организаторите истакнуваат дека полицијата во Бугарија си ја завршила работата како што ѝ доликува на држава од ЕУ.

„Еве каква е разликата меѓу држава членка на ЕУ и држава која не сака да влезе во ЕУ. Владата во Северна Македонија не сака да влезе поради влијание од ‘Српски свет’ и го држи народот како заложник, за да може да си ги продолжат шемите“, изјави за Actualno.com Илија Стојановски, копретседател на Здружението „Потомци на бегалци и преселници од територијата на Северна Македонија и пријатели“.

„Сакаме да испратиме порака до народот во Северна Македонија. Розата симболизира две работи — пријателство кон народот во Северна Македонија и симбол кон владата во Северна Македонија дека простуваме, но не сме слепи за тоа што се случува“, рече Стојановски.

Во одговор на прашањето зошто токму бели рози, Стојановски одговори дека белата роза е знак на пријателство. Стојановски посочи дека владата на Христијан Мицкоски треба да ја запре омразата и да го запре начинот на говорење против Бугарите, бидејќи таквите работи предизвикуваат појави како палењето на дипломатските автомобили.

„Што уште треба да се случи? Некој дипломат ли треба да биде претепан“, праша уште Стојановски.



Слични Објави