| | |

Бугарски воен ветеран од Втората светска војна, учесник во борбите крај Страцин: Луѓето овде нѐ прифатија идеално, ме прифатија како нивно дете

„Луѓето овде нѐ прифатија идеално, можам да го искористам овој израз. Ме прифатија како нивно дете“, ова специјално за порталот Трибуна го изјави ветеранот од Втората светска војна Тодор Андонов. Андонов присуствуваше на свеченото одбележување на 79-та годишнина од учеството на Бугарија во последната етапа на Втората светска војна, што се одржа вчера крај селото Страцин, во североисточниот дел на РС Македонија.

Нашиот соговорник Тодор Андонов добива Почесна грамота од генерал-мајор Јавор Матеев,
прв човек на Здружената команда за специјални операции на Бугарската армија

Родениот на 18 април 1925 г. воен ветеран учествувал токму во борбите за преземање на позицијата крај селото и отворањето на патот кон Скопје од страна на Прва бугарска армија.

„Ние бевме окупирани од Советскиот сојуз!Ние не бевме во војна со Советскиот сојуз, имавме нормални дипломатски, културни и секакви други односи, но тие ни објавија војна на 5 септември и нѐ окупираа! Ни го земаа златото, имаше силувања, немате претстава што се случуваше. Влегоа во Бугарија, нели се „браќа“, викаа „Смрт на фашизмот“. Во Бугарија немаше фашизам, тоа треба да се знае, фашизам имаше во Италија со Мусолини, а Мусолини беше ултралевичар и потоа стана фашист“, вели Андонов.

Воениот ветеран раскажува и за настаните за време на државниот удар на 9 септември 1944 г, кога Отечествениот фронт ја презема власта во Бугарија.

„Кога нѐ окупираа Русите, нашиот полк, беше принуден да учествува во превратот, кој имаше за цел промена на власта. Власта се смени и почнаа убиствата. Премиер беше академик Богдан Филов од Стара Загора, ерудиран човек, кој го создаде Археолошкиот институт кај нас во Бугарија. Почнаа промени.Во секоја институција ставија барем по еден Русин. Ни го променија образовниот систем“, вели Андонов, чиј татко бил учител. Тој додава уште дека бугарскиот устав бил променет и станал бољшевички според својот карактер.


Тодор Андонов, кој бил дел од I инженерен полк на XI инженерно-јуришна дружина во рамките на XI дивизија со командант Ангел Дочев, учествувал во обуката на југословенските партизани во градот Барч во Унгарија, каде требало да се изградат мостови на реката Драва. Поради помошта што ја укажал на југословенските партизани во нивното префрлување и спасување преку реката Драва, Андонов добил медал од Југославија.

Тодор Ненков Андонов потекнува од учителско семејство, работел како картограф и како што самиот тој вели „нема место во Бугарија што не го посетил“. Од неговата баба му бил оставен аманет да нема омраза кон никого, да ги сака луѓето, бидејќи како што кажува воениот ветеран „кога ќе паднеш, кој, ако не човекот ќе ти помогне да се исправиш“!

Слични Објави