|

Политичар на продажба – дали вреди за парите?

Проф. д-р Звонимир Јанкулоски/Нетпрес

Изгледа најлесно е да си купиш политичар во Македонија. Можеш и на рати како што видовме неодамна. Политичкиот живот во Македонија оддамна го изгуби достоинството што никогаш не го поседувал и е претворен во нешто многу попознато: светло осветлен супермаркет на изгубени надежи и низок морал, каде ветувањата доаѓаат со промотивни налепници од алчност. Секои четири години, некогаш и порано, ние граѓаните туркаме количка за купување со благо сомневање и тврдоглава надеж. А, во супер маркетот екслузивен производ – политичар. Некој стар, излитен, друг новоспакуван, редизајниран, рециклиран, некој премачкан во сите бои. Секој политичар доаѓа со етикета: „патриотски“, „некорумпиран“, „органски чесен“, „локален без адитиви“, „премиум квалитет“ и некаде во аголот – екстра модел за сите политички опции. Секогаш тука се и познатите брендови – производи базирани на стар рецепт, широко познати и веќе искористени. Некои го опишуваат вкусот на понудените политичар како „утешителен“, други како „гаден“, но пакувањето е секогаш освежено. Секогаш личи малку помодерно, со малку повеќе шарм и малку помалку минато. Потоа се појавуваат новите понудувачи, погласни во своите тврдења: „сосема нова формула!“, „ослободено од претходни грешки!“, „почисто, „некорумпирано“,  „поавтентично!“ – како политичкиот пазар да е козметичка индустрија, каде што брчките се ботоксирани со празни програмски бои, лузните се прикриваат со напудрени идеолошки слогани, а минатото се дотерува сè додека не стане претставително на излогот. А, гласачот ја бутка својата количка и бира.

На пазарот на политичарите секој си има цена, но не сите цени се појавуваат на политичките етикетите. На долг рок, она што било евтино секогаш не чини скапо. Барем ние во Македонија го знаеме тоа најдобро. И, тоа е вистинскиот проблем. Повеќето Македонци, едноставно немаат расположлив приход за да инвестираат во политичари на секои четири години, не дај боже порано. Сега сфаќам зашто претходната влада инсистираше да го заврши четиригодишниот мандат по секоја цена. Таа всушност не штедела од дополнителен трошок на политичкиот пазар. Знаела дека не можеме да инвестираме во купување нови политичари на ист начин како големите донатори и поддржувачи. Тие се продавале на рати, не сакајќи да не изложат на дополнителен трошок. Наместо да формиравме берзански фонд за поседување на распродадени политичари, ние продолжуваме да ги отплаќаме веќе купените политичари. Барем конечно не уверија дека купувањето политичари е сосема можно – дека можеби има луѓе врзани за нивните идеали, но дека постои и класа луѓе кои се толку платеници и алчни што, едноставно, ќе се согласат со оној што ќе понуди највисока цена, па макар и на рати. А претходната влада имаше со што да тргува – со името на државата, културата, историјата, јазикот, достоинството. За цената слушавме, но сега можеме и да ја видиме.

Од тој момент, се чини, само пакувањето е важно. Осветлувањето, боите, дебелината на буквите, тонот на кој се раскажува приказната, содржината станува второстепена – понекогаш дури и незгодна. Премногу реалност може да го расипе искуството на пазарот; премногу конзистентност го отежнува продавањето на производот. Најлицемерен е пазарот на политичари што се нудат на продажба како државотворни, а тие да ти биле со фабричка мана. Но, гледаме дека трговците се обидуваат нивните состојки внимателно да ги избалансираат: порција бес, две порции празни ветувања, мерка страв, идентитет по потреба, малку удобен непријател и доволно европски вкус за да се прикријат сите проблеми со рокот на траење. Целата работа е обилно обложена со медиумска комуникација, така што вистинскиот вкус пристигнува премногу доцна. Како научија дека  се е до пакувањето кое има повеќе врска  со моќта отколку вистината. Не дека купувачот не го знае сето ова, но сепак посегнува по производот. Можеби, затоа што илузијата за избор е поважна од искуството. Можеби, затоа што празната кошничка е уште повознемирувачка. Можеби, затоа што овде човек рано учи дека разликата помеѓу лош избор и воопшто немање избор често е прашање на расположение. Купувачот го носи производот дома, внимателно го отпакува, го става во својот живот и чека. И, така се изначекавме повеќе од триесет години.

И, секако најодвратната трговија е со политичари кои избираат пари пред живот, разоткривајќи ја најтемната страна на моќта. Тогаш гледаме дека политичкиот пазар во Македонија е проклето место каде се нудат политичари кои го ценат богатството повеќе од човечкото достоинство – профитот, и личната добивка пред животите што треба да ги заштитат. Производот е токсичен за консумација, но продолжува да се нуди контаминирајќи го политичкиот простор. Политичка прекумерна потрошувачка на ваков политички производ, повторена изложеност, хронично потпирање на надеж честопати може да биде животно загрозувачко. И, секогаш упорно ветување пред себе дека за следниот политичар кого имате намера да го пазарите ќе го прочитате мануелот за употреба повнимателно. А, потоа, како што секогаш се случува, рафтовите на политиката повторно се полнат со политичари. И, така, продолжуваме да купуваме исти производи, само приказната е променета. Најголемиот проблем не е во производот – туку што секогаш има некој што е спремен да го купи и покрај тоа што гаранцијата е истечена, а производот е обичен шкарт. Шалтерот за жалби, се разбира, одамна е веќе затворен. Рекламации не се примаат.



Слични Објави