Доцова: Силата на НАТО се мери и преку улогата во зачувувањето на мирот
Вистинската сила на НАТО се мери не само преку воените способности, туку и преку водечката улога во напорите за мир, безбедност и стабилност во светот, изјави претседателката на бугарското Народно собрание, Михаела Доцова, на Парламентарната средба на врвот на НАТО во Истанбул, јавува БГНЕС.
Доцова ја предводи бугарската делегација на форумот, во која се и Иван Лалов, раководител на делегацијата на Народното собрание во Парламентарното собрание на НАТО, и неговиот заменик Даниел Митов.
Таа истакна дека претстојниот самит на НАТО во Анкара е можност Бугарија да ја потврди својата посветеност на вредностите на Алијансата, колективната безбедност и стабилноста во евроатлантскиот простор.
„Посилна и поспособна европска одбрана позитивно придонесува за глобалната и трансатлантската безбедност и го надополнува НАТО“, нагласи Доцова.
Според неа, безбедноста на Европа не може да се гради само со зголемување на воениот потенцијал, туку и преку активна дипломатија, спречување конфликти и барање одржливи политички решенија.
Доцова посочи дека со зајакнувањето на националната одбрана Бугарија придонесува за безбедноста на Алијансата, стабилноста во Црноморскиот регион и јакнењето на источното крило на НАТО. Таа ја изрази и поддршката на Бугарија за концептот за „посилен европски столб во НАТО“, нагласувајќи дека бугарската одбранбена индустрија има потенцијал да биде важен дел од индустрискиот синџир на Алијансата.
Во однос на Украина, Доцова истакна дека Бугарија ќе продолжи да ги поддржува напорите за праведен и траен мир, заснован на Повелбата на ОН и принципите на меѓународното право.
На Парламентарната средба на врвот на НАТО учествуваат претседатели на парламенти и раководители на делегации од 32 земји членки на Алијансата, како и раководството на Парламентарното собрание на НАТО.
