|

Дина Јашари со турнеја низ Македонија: концерти во седум градови од јули до септември

По четири години активни настапи, регионални гостувања и континуирано градење на својот авторски израз, Дина Јашари ова лето и есен ја реализира својата прва поголема турнеја низ Македонија, со концерти во седум градови низ земјата.

Турнејата започна на 2 јули во Скопје, со настапот на Дина Јашари како предгрупа на Duran Duran во арената „Борис Трајковски“, а продолжува со серија концерти низ Македонија во текот на јули, август и септември.

Во рамки на турнејата, Дина Јашари ќе настапи на:

● 11 јули – Кочани, Парк на Револуцијата, по повод празникот Петровден

● 23 јули – Виница, КУЛ96, по повод 20 години од постоењето на просторот

● 25 јули – Кичево, Китино Кале, во рамки на манифестацијата „Град на културата“

● 5 август – Струга, фестивал „Дрим Шорт“, Парк на поезијата

● 20 август – Битола, платото на Офицерски дом, во рамки на програмата на БитФест

● 4 септември – Вртешка, Планинарски дом Вртешка, во рамки на фестивалот „Интердисциплинарни активности – Вртешка“

● 17 септември – Штип, Дом на млади

Концертите во Битола и Штип се реализираат со поддршка од Министерството за култура и туризам.

Во изминатите години, Дина Јашари и нејзиниот бенд континуирано настапуваат низ Македонија и регионот, градејќи препознатлив концертен израз и присуство на сцените низ просторот на поранешна Југославија. Со оваа турнеја, за првпат во поконцентриран формат, таа го носи својот актуелен концертен репертоар низ повеќе македонски градови.

Дина Јашари е една од највпечатливите авторски појави на современата македонска музичка сцена. Нејзиниот албум „Растенија без корен“ беше одлично примен и во Македонија и во регионот, а со својата музичка зрелост, сензибилитет и силен авторски печат дополнително ја зацврсти нејзината позиција како значаен глас на новата домашна сцена.

Со оваа турнеја, Дина Јашари отвора ново концертно поглавје со фокус на македонската публика и градовите низ земјата, по неколку години интензивни настапи и градење на своето име на домашната и регионалната музичка сцена.

 

Слични Објави