| |

Бугарија се позиционира како регионален енергетски центар

Соработката меѓу државите е клучна за енергетската и економската безбедност, одржливоста и стабилноста на поширокиот регион, порача бугарската министерка за енергетика Ива Петрова на 30. Годишна владина тркалезна маса на The Economist во Атина, пренесува 24 часа.

Петрова истакна дека Бугарија располага со 7 GW инсталирани соларни капацитети, поддржани од 4 GW батерии за складирање електрична енергија, како и со амбициозно портфолио на хидроелектрани. „Овие инвестиции ја претвораат Бугарија во виртуелен енергетски центар, способен да ја користи својата инфраструктура, поврзаност и растечки капацитет во корист на одржливоста на целиот регион“, нагласи таа.

Во дискусијата за потенцијалот на Југоисточна Европа и Источниот Медитеран како динамични енергетски центри учествуваа и министрите за енергетика на Грција, Кипар и Молдавија, како и генералниот секретар на Источномедитеранскиот гасен форум. Бугарија и Турција потврдија желба за брзо проширување на соработката.

Петрова посочи дека регионалните партнерства веќе се претвораат во конкретни проекти. Како пример го наведе Вертикалниот гасен коридор, при што Бугарија неодамна го пушти во употреба првиот завршен дел Кулата–Кресна, кој овозможува зголемени количини природен гас од Грција преку Бугарија кон север. Таа најави дека врската со Романија, Рупча–Ветрино, треба да биде готова до крајот на годината.

Според Петрова, Бугарија работи и на развој на електроенергетскиот коридор Исток–Запад и на зголемување на капацитетот на меѓусистемските врски со соседните земји.

Министрите на Бугарија, Грција, Кипар и Молдавија се согласија дека енергетската безбедност не може да се разгледува изолирано, бидејќи е директно поврзана со националната безбедност и регионалната економска стабилност.

Во рамки на посетата во Атина, Петрова се сретна и со молдавскиот министер за енергетика Дорин Џунгиету, со кого разговараше за билатералната соработка, состојбата на енергетските пазари и механизмите за заштита на потрошувачите.



Слични Објави