| |

Редок оловен печат на бугарскиот цар Симеон e пронајден за време на археолошки истражувања во Велики Преслав

Оловен печат на цар Симеон е пронајден за време на археолошки истражувања на манастирот на Георги Синкел во старата бугарска престолнина Велики Преслав, јавува БТА.

На едната страна од печатот е прикажана Богородица со ореол и медалјон со ликот на Младенецот, со натписи на грчки јазик. На другата страна е претставен владетелот со круна и владетелска облека, со кугла со крст и царскиот знак лабарум. Кружниот натпис во превод гласи: „На Симеон василевс многу години“.

Според проф. д-р Казимир Попконстантинов (раководител на истражувањата), станува збор за редок артефакт, особено значаен во пресрет на 1.100-годишнината од смртта на цар Симеон, која треба да биде одбележана во 2027 година.

„Откритието сведочи за врската меѓу манастирот и царскиот двор, како и за преписка на цар Симеон со некого во манастирот“, изјави раководителката на ископувањата, доц. д-р Росина Костова.

Досега се познати 19 вакви оловни печати, од кои само три се пронајдени на археолошки локалитети. Ископувањата се финансирани преку проект на Универзитетот „Св. св. Кирил и Методиј“ во Велико Трново, во рамките на програмата на Министерството за култура за теренски археолошки истражувања за 2025 година, а ќе траат до 5 август.



Слични Објави