(Видео) Протоколите со Бугарија не можат да се заобиколат на патот кон ЕУ
Насер Селмани
Во текот на изминатата недела, премиерот Мицкоски и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски дадоа речиси идентична изјава дека
протоколите со Бугарија не се дел од Преговарачката рамка. Тоа беше доволно дел од опозициската јавност да оцени дека, по две години изгубено време, Мицкоски конечно сфатил дека протоколите немаат никаква врска со пристапниот процес и дека, следствено, Бугарија не може да го блокира
членството на Северна Македонија.
Точно е дека протоколите не се составен дел од формалната Преговарачка рамка, но тоа не значи дека немаат никаква врска со процесот на
пристапување. Заклучоците на Советот на ЕУ од 2022 година експлицитно ја поврзуваат европската перспектива на Северна Македонија со спроведувањето на билатералните договори, вклучително и Договорот за пријателство со Бугарија и Протоколот од Втората меѓувладина комисија.
Со оваа изјава Мицкоски повеќе ја менува политичката стратегија отколку што прави суштински пресврт. Претходната позиција можеше да се сумира како: „Протоколите не се дел од Преговарачката рамка и не треба да станат дополнителни услови.“ Новата, пософистицирана формулација гласи:
„Протоколите не се дел од Преговарачката рамка и не можат да се користат за воведување нови услови надвор од договорените европски критериуми.“
Со ова Мицкоски не го напушта ставот дека протоколите не се дел од Преговарачката рамка, туку го надградува со аргумент дека тие не смеат да
произведуваат нови европски услови. Тоа е обид спорот со Бугарија да се трансформира во поширока дебата за правилата, кредибилитетот и
предвидливоста на процесот на проширување на ЕУ. Истовремено, му овозможува да биде поостар кон Бугарија, без да влезе во директен конфликт
со институциите на ЕУ. Постојат најмалку три причини за оваа промена во аргументацијата. Прво, Владата сака да го избегне впечатокот дека е против ЕУ, нагласувајќи дека не го оспорува европскиот процес, туку се спротивставува на дополнителни билатерални условувања. Второ, спорот се префрла од Софија во Брисел – прашањето не е само дали Северна Македонија ќе ги исполни бугарските барања, туку дали ЕУ ќе дозволи билатералните прашања да станат механизам за блокирање на проширувањето. Трето, Владата сака да покаже дека не бара посебен третман, туку еднакви, јасни и предвидливи правила за сите кандидати.
Најголемиот ризик за владата е оваа правна и политичка нијанса да биде сфатена како игра со зборови. За ЕУ, клучното прашање не е само дали
протоколите формално се дел од Преговарачката рамка, туку дали Северна Македонија ги исполнува преземените обврски од пакетот договорен во 2022 година. Оттука, суштината на спорот не е само дали протоколите се „внатре“ или „надвор“ од Рамката, туку дали нивното спроведување има политички последици врз напредокот кон членство во ЕУ.
