| |

Во Бугарија и Италија ќе бидат одбележани 90 години од раѓањето на оперскиот пејач Никола Ѓузелев

Со низа настани во Бугарија и во странство се одбележуваат 90 години од раѓањето на светски познатиот оперски бас Никола Ѓузелев, роден на 17 август 1936 година во Павликени, соопшти Фондацијата „Никола Ѓузелев“, пренесува БТА.

Во првата половина од годината беа објавени монографијата-каталог „Витезот на операта“, нов документарен филм и дискографски изданија, а Софиската опера и балет му посвети изведба на „Дон Карлос“ од Верди.

На 8 септември во Павликени ќе биде откриена спомен-плоча со неговиот лик, придружена со изложба, филмска проекција и претставување на монографијата. Во септември и октомври се планирани концерти, изложби и проекции во Рим и Парма, во рамките на фестивалите Menotti Art Festival и „Џузепе Верди“. На 28 октомври Бугарската академија на науките ќе биде домаќин на концерт и изложба.

Кулминацијата ќе се одржи на 17 ноември во Софиската опера и балет, со доделување на шестата Меѓународна награда „Никола Ѓузелев“ за млади оперски и ликовни уметници. До средината на декември се очекува да биде завршен и неговиот споменик во Софија.

Ѓузелев настапувал на сцените на Ла Скала, Метрополитен опера, Ковент Гарден, Виенската државна опера, Париската опера и Бољшој театар. Бил и академски сликар, добитник на бројни признанија, почесен доктор на Бугарската академија на науките и командор на Република Италија.



Слични Објави