| |

Бугарски систем со вештачка интелигенција го прогнозира ризикот од шумски пожари

Системот за прогнозирање на ризикот од шумски пожари FireScope AI, развиен од бугарскиот Институт за компјутерски науки, вештачка интелигенција и технологии – INSAIT, отсега е достапен и на бугарски јазик, соопшти Министерството за образование и наука на Бугарија, пренесува Актуално.

FireScope AI анализира голем број сателитски и климатски податоци и со висока прецизност ја проценува веројатноста за појава на шумски пожари во одделни региони. Системот ги зема предвид густината и сувоста на вегетацијата, сушните периоди, ветровите, температурите, релјефот и нивната меѓусебна поврзаност.

Само два месеца по претставувањето на интерактивната карта со висока резолуција за Европа, платформата го прошири опфатот и на голем дел од Азија. FireScope сега е достапен на 43 јазици.

Според INSAIT, при тестирањата во Азија системот покажал подобри резултати од меѓународниот стандард Fire Weather Index. FireScope во 70 отсто од случаите правилно ги означил како поризични локациите каде што подоцна избувнале пожари, додека Fire Weather Index постигнал точност од 62 отсто.

Целта на тимот е FireScope да прерасне во глобална платформа за интелигентно прогнозирање на ризикот од шумски пожари и современите технологии за превенција да станат достапни за институциите и за локалните заедници ширум светот.

Слични Објави