| |

Голите отоци на мојата вистина

Пишува: Ели Секуловска

Факт е дека Голи Оток беше долго време табу тема. Денес се уште не постојат историографски дела, освен публицистички трудови како и спорадични полемички текстови. Единствено прозната литература на сведоците на голооточките трауми се занимава со тој феномен, најчесто мотирвирана од хуманистички и морални прашања – дали и зошто на Голи Оток мораше да дојде до примена на суровите, нечовечки методи спрема логорашите и зошто беше потребно веќе изолираните луѓе да бидат изложени на такви понижувања и тортури?

Иако помина повеќе од половина век, ние и денес ништо не знаеме за удбашката технологија на иследување, за економијата на логорот, животот на Голи Оток. .. Голи Оток беше долго време забранета тема. Први кои објавија за Голи Оток беа двајца хрватски емигранти во Лондон кои напишаа неколку написи во британските новини каде ги опишаа тортурите што се случувале во логорот. После Титовата смрт настапи бум на литертура за Голи Оток, но само од преживеаните логораши.

Сведочењата на голооточаните како се измачувани со најсурови методи и претепувани се само еден дел од мозаикот. Но,недостасува еден голем дел од таа карика, а тоа е сведочењата на удбашите кои работеа таму. Единствениот од нив кој беше спремен за интервју беше Јово Капичиќ, познат како Јово Капа, инаку главен за Голи Оток, кој до крајот на својот живот имаше цврст и радикален став, притоа признавајќи дека поголемиот дел од лицата кои беа на на издржување на казните, биле невини!

Анте Раштегорац, пак кој бил иследник и шеф на обезбедувањето на Голи Оток дал изјава само еднаш. Многумина го паметат како затворен и чуден човек. Никогаш понатаму не сакал да зборува за логорите.

Голи Оток беше посебна приказна.За да се обелодени целата вистината, ниту томови на книги не можат да ја раскажат до крај. Но, и после толку поминати децении целата таа трагедија не е доволно истражена. Останува прашањето: Дали може да се склопи целиот мозаик?

Чинам дека одговорот е не.

Прво, затоа што над 20 тони материјал за Голи Оток е уништен, почнувајќи од 1966 година, после падот на Ранковиќ.

Второ, затоа што најголемиот дел од досиејата за голооточаните се наоѓааат во Белград! Државата Србија има една од најлошите архивски политики во регионот и во Европа. Државниот архив на Србија своеволно дава или им ја скратува можноста на српските историчари, истражувачи, забранува фотокопирање или ги затемнуваат имињата. Тоа го образложува со изговор дека било нужно за заштита на државните тајни или лични податоци. Никаде во Европа не се применува таков критериум за (не)давање на докумети.

Имено, 50 години е тој чувстителен период за неотвотрање на архивите на УДБа и КОС, но сега сме 2024 година. Поминати се повеќе од 70 години и чинам дека целата оваа трагедија што се случуваше после 1944 година во Македонија, во склоп на титова Југославија, треба да се обелодени заради идните генерации. Со една единствена цел, НИКОГАШ ДА НЕ СЕ ПОВТОРИ!

Наредбата за основање на Голи Оток ја дал лично – ТИТО!

Со оглед на затвореноста на архивите, посебно на оние за сојузната УДБа во Белград ( Архивот на Србија), тешко е да се најдат соодветни докази и не само за Голи Оток, туку и за другите логори ширум титова Југославија. Клучните луѓе на тогашниот југословенски режим ( Тито, Кардељ и Ранковиќ) се до својата смрт не зборуваа за своите улоги во формирањето на логорашкиот систем. Милован Џилас, после 1954 година во неколкуте свои мемоарски дела ќе го спомене логорот на Голи Оток. Према неговото сведочење, одлуката за основање на логорот на Голи Оток не била донесена ниту од страна на Политбирото, ниту од Централниот комитет како највисок партиски форум, туку лично од самиот Тито! Оператвниот дел му бил препуштен на првиот човек на УДБа, Александар Ранковиќ, како и на главниот за Голи Оток, Јово Капичиќ и неговиот заменик Анте Раштегорац.

Голи Оток

Голи Оток е мало острово кое се наоѓа недалеку од островот Раб, наспроти велебитското подрачје. Површината на островот изнесува само 4,7 квадратни километри, со најголема висина на северниот дел од 105 метри. По должината на краjбрежјето нема никакви засолништа такашто островот е постојано изложен на силни ветрови и бури. Длабочината на морето непосредно до пристаништето преоѓа и до 30 метри. Едноставно, бегство од тој остров не е возможано.

Владимир Дедијер тврди дека Стево Крајачиќ, тогашниот министер за внатрешни работи на Хрватска, му кажувал како со вајарот Антун Аугустинчиќ. го откриле Голи Оток. Се почнало, како што пишува Дедијер, од „уметнички причини“ – вајарот по островите барал мермер за своите склуптури, па така со Крајачиќ наишле на Голи Оток. Уметникот навистина таму нашол мермер, додека пак искусниот полицаец – иден логор!

Голи Оток не е сам. Во неговото соседство се наоѓа островот Св. Гргур каде исто така се наоѓал логор. Таму биле носени таканаречените “двомоторци” или повратници од Голи Оток, како и воените лица. На островите Голи Оток и Св. Гргур постоеле и женски логори.

Островот е гол и каменит, па затоа и го добил името Голи Оток. Денес, доколку го посетите ќе видите дека е пошумен и изобилува со значителна вегетација.Сите тие дрвја ги саделе бившите логораши, додека пак сенка им правеле самите тие, изложени на сонце по 12 часа на ден, како казна.

Според исказите на Анте Раштегорац во разговор со Владимир Дедијер, инаку иследник и шеф на обезбедувањето на Голи Оток, на основа на административни казни во логорот биле доведени 18.000 луѓе.На основа на воените и цивилните судови, имало околу 13.000 луѓе. Тоа значи дека низ логорот на Голи Оток поминале околу 31.000-32.000 луѓе. Но, Раштегорац никогаш нема да каже колку луѓе се одведени на Голи Оток без суд, туку од лично самоволие на тогашните локални удбашки шерифи. Вистинската бројка се уште не може да се утврди затоа што многу документи се уништени.

Идните логораши кои ќе завршат на злогласниот остров, прво биле апсени и задржувани во истражните затвори најчесто околу шест месеци. Честопати биле сместувани во самици, без светлост, рацете им биле врзувани со ланци позади грбот. Иследувањето немало крај, а во таа лажна игра со неподносливи физички тортури,тие морале да ги признаат измислените обвиненија против нив

Најмоногу апсења извраши КОС ( Контраобавештајната служба) и или позната како воена УДБа. Потоа следуваат апсењата од страна на сојузната УДБа, и републичките ограноци. Иако УДБа и КОС биле дефинитвно раздвоени уште од март 1946 година и донекаде имале различни задачи,но сепак и двете служби како и нивните органи и натаму цврсто соработувале во извршувањето на многубројните задачи, најчесто ловење на измислени непријатели. Армијата била исто така изложена на постојани истраги, се барале непријатели, а еве што кажува евиденцијата за припадниците на армијата на ниво на тогашна титова Југославија:

Како ИБ (Поддржувачи на резолуцијата на Инфомбирото), настрадале 457 подофецири, 636 потпоручници, 744 поручници, 1.030 капетани, 322 мајори , 118 потполковници, 43 полковници и 6 генерали. Вкупниот број изнесува 3.356 раководни лица во Армијата кои биле под постојани притисоци, репресии, а многумина завршиле на Голи Оток или Св. Гргур.

Животот на Голи Оток го загубиле околу 400 лица, најчесто заради бруталните физички тортури, разните принуди, измачувања со жед, самоубиства или епидемии како последица на тешките нехигиенски услови.

За поголемиот број од починатите, гробовите им се водат дека се во Ријека или на гробиштата на Мирогој во Загреб, но според кажувањата на преживеаните логораши кои се вратија оттаму, телата на починатите ги фрлале во море.

Логорот на Голи Оток, како и останатите логори низ тогашна титова Југославија биле под директна управа на сојузната УДБа ( УДБа ФНРЈ) и тогашниот прв човек на државната сигурност, Александар Ранковиќ. Сојузната УДБа ја одредувала логорската управа ( управниците на претпријатието Мермер ), иследниците како и милицискиот кадар .

Првите 1.200 логораши стигнале на Голи Оток на 9.јули 1949 година. Тие ги изградиле сите објекти,( таму имало и лимарска и столарска индустрија, а се произведувале и плочки).Денес тие објекти зјаат полураспаднати како остатоци од едно време кое никогаш во историјата на човештвото не смее да се повтори. Но,за да не се повтори, треба да се каже.

Казнаниците најчесто биле транспортирани навечер со вагони до Ријека, а потоа во групи од по 30- 50 луѓе од пристаништето во Бакар кое е оддалечено од Ријека 23.16 километри каде што ги чекале специјални бродови, најчесто еден кој се викал „Пунат“, носени до Голи Оток. Со видлива физичка тортура, казнениците биле врзувани по двајца и туркани по скалите во внатрешниот дел од бродот, каде се гушеле без воздух и од страв дека ги водат некаде за да ги ликвидираат. Возењето со бродот обично траело по неколку часови, до раната зора. Кога ќе стигнеле на самото пристаниште, биле пречекувани од неколку милиционери кои им наредувале да се соблечат и тогаш почнувала вистинската тортура за „добредојде“ како знак што ги чека понатаму.Новодојденците требало да поминат низ колоната од речиси 2000 ревидирци (оние кои се „покајале“ и го ревидирале својот став), и активисти кои морале да удираат најсилно што можат, притоа силно извикувајќи “Бандо” кон новодојдените .

”Од сите страни ве удираат со раце и нозе, ве тепаат со цела сила, се кршат и раце и нозе, прскаат очи и уши, а ние трчавме за на крајот, полуубиени да паднеме на земја.“. – пишува еден од преживеаните логораши. Таа насилна процедура била позната како шпалир или „топол зајак“. Многумина, после шпалирот, им подлегнувале на повредите. Оние пак кои ја преживеале тортурата морале да влезат во базен со солена вода, а истиот бил полн со фекалии, плувачки и урини од некои други затвореници кои претходно го поминале шпалирот.

Физички скоро невидливата УДБа, раководителите педантно го надзирале функционирањето на логорот како и однесувањето на секој затвореник . Структурата на организацијата на логорот на Голи Оток бара посебно внимание затоа што претставува раритетен случај во историјата на интернација на луѓе. Имено, логорашите самите се лечеле едни со други,самите си помагале, логорашите морале да се кодошат едни со други за да ја докажат својата лојалност дека го ревидирале својот став, логорашите морале да се измачуваат со нечовечки методи, па дури и да се убиваат едни со други. И навистина, рацете на УДБа останаа чисти. Но,да се игра на картата на „нечовечки побуди“, да бидат натерани затворениците да се тепаат меѓусебе, (во некои случаи – брат со брат, татко со син), а стражарите да го гледаат сето тоа, е крајно злобно од тој што го измислил тоа.

Таму се убиваше човекот во човекот.

Со доаѓањето на Голиот Оток затворениците го губеа сопственото име и беа нарекувани „БАНДА“.

Најголемата грешка на Голи Оток била ако не сте jа празнаеле “вината”. Тоа значeло дека сте ја навредиле УДБа бидејќи апси невини луѓе. Монтираната вина мора да се признае. Едноставно, мораш да сфатиш дека си виновен иако за ништо не си виновен и секако да им дадеш нови имиња со кои си бил во контакт за понатаму и нив да ги апсат. Во таа лажна игра се измислувало се и сешто.

Притоа, требало да им да се заблагодариш на УДБа што ти овозможила да ја признаеш својата “вина” и да одиш по правиот пат која истата ти го зацртала. Тоа било основното правило за да преживееш !

За Голи Оток , алијас „Мермер“ или „Камен“, до 1953 година никој не смеел да знае. До 1953 година на логорашите им било забрането да праќаат, ниту да примаат писма ниту посети. После 1953 година, писма можеле да добиваат само таканаречените ревидирци и тоа од строго контролното одделение на поштата во Бакар. Но, ниту после 1953 година, не смеело да се каже дека на Голи Оток се наоѓа логор, туку се пренесувало дека ибеовците се испратени некаде на превоспитување и на општествено – корисна работа. На преживеаните логораши кога ќе се врателе од островот, им било забрането да кажуваат за се она што се случувало таму, за се она што го преживеале затоа што потпишувале записник дека за тоа нема да зборуваат.

Најчесто луѓето биле осудувани со несугурни докази, а многумина и без суд однесени на Голи Оток. На четвртиот пленум на ЦК КПЈ (јуни, 1951 година), било разговарано за неправилностите при апсењата, истрагата и правосудството. Главниот збор го зема Алексанар Ранковиќ и со доста остар тон ја критикува УДБа.

Судиите, поединци од УДБа и тужителите знаеле да отстрануваат луѓе од животот во одредена средина, пред се од лични, користољубиви мотиви и разни други аберации , „локално братство“ ; судовите најчесто потпаѓале под влијание на јавното обвинителство, органите на управата, партиските раководители и органите на КПЈ ( Комунистичка Партија на Југославија). На пленумот Александар Ранковиќ зборува за взаемните договори помеѓу обвинителството и претседателот на судот заради лична корист. Судовите практично се наоѓале под влијание на УДБа. Пресудите се граделе врз основа на признанието на осудениот ( тој морал да признае се што измислила УДБа после голготата во истражните затвори) , додека пак одбраната на сведоците била целосно запоставена. Ранковиќ зборува до кој степен на апсурд е доведена работата во правосудтвото. Тоа го потврдува и Владимир Бакариќ, инаку доктор по право. Наведено е дека УДБа не смее да стои над власта и законот.

Имено, заклучокот од тој пленум е – над 50 % од брзоплетите апсења се покажале дека биле незаконски.

Непосредно после тој пленум Ранкович го посетува логорот Голи Оток, но и после неговата посета ништо драстично не се менува. Тоа само ја покажува дволичноста на Ранковиќ и неговата удбашка свита.

Од денешна перспектива, после сите истражувања, заклучокот е дека тогаш страдаа врвните интелектуалци.

Уште во 1943 година, Светозар Вукмановиќ Темпо вели дека треба да се отстранат интелектуалците од редовите на Комунистичката партија. Инфомбирото добро им дојде како оправдание за да го направат тоа.

Во Македонија се разбира страдаа Македонските Бугари ( и левица и десница), асномците,но за волја на вистината и група на скоевци. Поточно, страдаше критичната интелектуална елита.

Петрова рупа

Најтаинствениот дел од логорот на Голи Оток беше таканаречената „Работилница 101“, „Манастир“ или „Петрова Рупа“. Јамата наречена Петрова Рупа, името го добила по професорот и тогашен претседател на републичкото собрание на Црна Гора, Петар Комнениќ, и самиот еден од првите логораши на Петрова рупа кој го нарекол тоа место РУПА, ( рупа-јама).

Петрова Рупа била во суштина јама длабока околу 8 метри, а широка неполни дваессет метри. Инаку, таа јама ја издлабиле италијански фирми кои имале концесија за експлоатација на бокситна руда, но истата била со лош квалитет. На тоа место никна Петрова Рупа.

Во Петрова рупа се наоѓале „специјалните“ логораши – поранешни министри, генерали, членови на централните комитети, бивши амасадори и професори на универизтети. Таму бил затворен и познатиот белградски ликовен уметник од еврејско потекло, Дида де Мајо, личен пријател на Алберт Ками и Шарл Де Гол, а неговото затворање ќе предизвика реакција и во Франција . Господинот Шарл Де Гол ќе изјави дека заради злосторствата што се правени на Голи Оток, посебно во Петрова Рупа, никогаш нема да стапне на територијата на титова Југославија.

Шест луѓе од Македонија завршија во Петрова Рупа и ниту еден од нив не се врати.

Денес историчарите од сите светски институти ( освен историчарите од македонскиот институт кои се неми по тоа прашање), едногласно се сложуваат дека никаде во светот досега не постоел логор во кој луѓето се чувани во јама, дупка која била постојано надгледувана од стражари . Тоа било затвор во затвор. Изолацијата била потполна, а навечер јамата била осветлена со силни рефлектори од кулата.Со ова се покажува крајната злоба на југословенскиот комунистички режим. Рупата била тајна и за останатите логораши од Голи Оток кои не смееле да знаат за тоа место. Кога другите затвореници од големата жица ( жица беа викани бараките каде биле сместени затворениците) им носеле вода и храна за „Манастирот“ ,“101“или Петрова Рупа, морале казаните да ги оставаат на стотина метри оддлеченост од јамата. Сето тоа делувало крајно деструктивно на логорашите од Петрова Рупа.

Тие имале постојано отоврено досие, често биле викани на иследување со физички репресии, па сето тоа ги доведувало до страшен притисок и речиси до лудило. Биле викани банда, врзувани за жица, а на задниот дел од појасот им врзувале стари крпи, чии краеви виселе назад, како опашка за потоа да бидат викани репоњи ( реп – на српски значи опашка). Да бидеш репоња значело дека не си го ревидирал својот став, па тие луѓе биле најмногу физички малтретирани .

Српските историчари направија реконструкција на јамата, детално прикажувајќи ја структурата на објектите како и начините на измачување на луѓето; со трагачи и врзувани во клопче,а потоа тепани. Стоењето над кибла ( кибла било нешто како тоалетна школка над која морале да стојат цела вечер и да ги мирисаат фекалиите), исто така било еден од неподносливите начини на понижување и измачување. Размислував дали да ја прикажам таа реконструкција во рамките на овој текст, но сепак тоа би било страшно за помладите генрации, иако треба да знаат. Методите на измачување исто така не се за кажување затоа што чинам дека секој читател не може да ги поднесе.. Ниту најголемитот психопат не би можел да измисли такви методи.

Инаку, во таа јама, наречена РУПА, 1949 година била изградена дрвена барака за давесетина затвореници, иако таму престојувале 130 затвореници. Спиеле еден до друг како сардини, и доколку на другите логораши на Голи Оток им било дозволено само 3-4 пати во годината да се избањаат во морето, на логорашите од Петрова Рупа не им било дозволено воопшто затоа што не смееле да излегуваат од јамата за никој да не ги види. Спиеле во истата облека со која работеле, така што се ширела огромна смрдена реа во павилјонот. До бараката се спуштало со јаже за потоа да бидат направени камени скали. Покрај бараката за логорашите имало уште една помала барака за „превоспитување“ каде затворениците биле претепувани и измачувани со брутални методи. Околу бараката имало ѕид од камен висок три метра со стражарски кула.

Тие луѓе биле подложени на огромен притисок, физички, морален и психички кој бил извршуван преку специјални уфрлени членови на УДБа или таканаречените „активисти“ или „батинаши“, поточно тепачи. Еден од преживеаните од Петрова Рупа ќе сведочи дека биле постојано плукани, понижувани, тепани, малтретирани, а некои и убивани на најсвиреп начин. И се разбира, тој кој беше убиен, него ќе го направеа виновен. Така работеше УДБа.

Насилството во Петрова Рупа немало крај. Затворениците постојано биле гладни и жедни , работеле во најјаката зима, на студ и ветер кој доаѓал од Сињскиот залив или на жешкото сонце, малтретирани со бессмислено преместување на камења од едно до друго место и назад. Непрекидната истрага, плукања, навреди и пцовки, постојаното физико малтретирање многумина не можеле сето тоа да го издржат. Чести биле и обидите за самоубиство.

Во 1952 година, со специјална дозвола , „Манастирот 101“ или Петрова Рупа ја посетува и Добрица Косиќ, кој води забелешки и ги известува Ранкович и Кардељ за страшните торури. Но, ниту после тоа ситуацијата во Петрова Рупа останува иста.

Имам доста да кажувам за Петрова Рупа. Истражуавав интензивно во корелација со историчари од балканските институти. Само ќе кажам дека таквите тортури можеле да ги смислат само психопати. И денес не е чудно, што после таквите неосудени злосторства и не само на Голи Оток, туку и во Добој и Идризово, пет од шест земји наречени Западен Балкан, инаку бивши републики на СФРЈ, тешко им оди патот кон демократизација.

Резолуциите на Информбирото, бункерот и Кока- кола социјализмот

Бункерот што се градеше на Голи Оток за одбрана од наводниот напад од Русија – 1955 г.

После 1944 година се направени катастрофални промашувања во Македонија: несреќната колективизација, задолжителниот откуп, пренапрегната индустрализација, глад и пополнување на членството на Комунистичката партија со луѓе кои имаа сомнително минато и идејност.

Според историчарите од неколку балкански институти, фактички Комунистичката партија на Југославија била критикувана од страна на Москва дека извршила најголем број на конфискации и национализации по глава на жител, додека пак Македонија предничеше во тоа. Имено 90% од приватниот капитал во Македонија е одземен. За тоа сведочат две писма од Стаљин кон Тито во кои се критикува работата на КПЈ. Затоа и КПЈ не присуствувала во Букурешт каде што била донесена втората резолуција на Информбирото, крајот на ноември, 1949 година. ( Првата била донесена 1948 година).

А за иронијата да биде поголема ,на основачката конференција на Коминформот во Полска најголеми поддрржувачи на Москва биле Кардељ и Џилас, кои потоа ќе се свртат против Москва и ќе бидат главните столбови за големата репресија врз невини луѓе, тобоже поддржувачи на Инфомбирото.

И додека рафтовите во продавниците во тоа време биле речеси празни, а во истовреме пак репресиите од страна на КПЈ биле неподносливи,титова Југославија почнала да се наоружува како би се одбранила од наводниот напад од страна на Русите.Во екот на сите тие промени и припреми за борбена готовност од наводниот руски напад , Југославија склучува договор за воена помош со владата на САД , 14 ноември, 1951 година. Вредноста на Договорот била 800 милиони долари и на таа основа од САД во Југославија стигнале повеќе од 600 борбени авиони , 1.000 тенкови, над 1.000 парчиња артилериско оружје ,20.000 возила , како и друга опрема.Но, и покрај тоа, параноидната хистерија против Русија растела со несмалено темпо, па еве една анегдота од Голи Оток, 1955 година.

На логорашите им било наредено да градат бункери, поточно противавионски бункери !!! Зошто? Заради Русите! Се плашеле од падобрански десант! Се шепотело насекаде, генерали, министри полковници . О луѓе, што се човек затворен во кафез мисли, како по малку станува параноичен! Па десант, за што? Но, се шепотело, да десант. А кој ќе го изведе тој десант, можеби генерал Жуков лично?

Таа тажна забава траела некое време додека логорашите граделе бункери за одбрана од Русите. И оп, наместо десант – на 13. мај 1955 година, доаѓа Никита Хрушчов во Белград, топло пречекан од Тито!!!

Топлиот пречек на Никита Хрушчов од страна на Тито во Белград, 1955 г.

Понатаму, во склад со тоа,Тито и Југославија се трудеа да докажат пред светот дека водат некаков си либерален социјализам и дека одлично го оддржуваат балансот помеѓу Истокот и Западот за време на студенета војна помеѓу САД и тогашен СССР. Тогаш добивме кока- кола социјализам, некои мини сукњи, фармерки, мастики за џвакање,патување до Трст и назад. И толку од либералниот социјализам. Во исто време, под површината се одвиваа вистински пресметки со неистомислениците на југословенската догма – Тито, а репресиите врз интелектулците, посебно врз македонските Бугари продолжија со несмалено темпо. Голи Оток и натаму продолжи да работи, а моите дедовци и баба беа по најголемите логори, едните десничари, осудени дека соработувале со Америка и Англија, а најмладиот левичар, на Голи Оток, ,пратен без судење, обвинет дека бил русофил и ибеовец.

О Господе!!!

Кока- кола социјализмот иако се трудеше да се покаже како пријател на Истокот и Западот, сепак продолжи со понижувањата, се кажуваа вицови за да се исмеваат Русите, додека пак во истовреме се гаеше анимозитет спрема таканаречената капиталистичка Америка!

Од филозофска гледна точка, Југославија можеби беше интересна за Западот како некоја нова идеолошка креација, некоја либерална верзија на социјализам,но се поставува прашањето дали тоа навистина постоеше или пак беше само добар пропаганден трик?

Црно- белата фикција на гледање на работите и денес е застапена кај некои историографски „апологети“ кои сакаат да ја претстват Југославија како либерална, но сето тоа беше само привид на слобода. Јас не би рекла дека беше ниту либерална, а не дај боже пак демократска!. Затоа што, доколку власта оценеше дека некој му претставува закана, тогаш се покажуваше нејзиното вистинско крвничко удбашко лице. Впрочем како и денес. Ништо не е сменето.

Прашувам: Дали може да се нарече слобода доколку УДБа се до 1964 година кажуваше кој може да добие пасош и да патува, а кој не? Зар тоа е либерална верзија на социјализам?

Кога студентите протестираа , ги апсеа и завршуваа во затвор . Осумдесеттите години на минатиот век го докажаа тоа.

Затоа ни е неопходна ревизија на минатото за да продолжиме напред. И најидеалната држава е репресивна сама по себе, а камоли Македонија во склоп на Југославија со толку многу убиства, кражби, монтирани пресуди! Треба да се каже за методите на иследување и тортури во логорите и истражните затвори. Тие не беа засновани на никаков закон затоа што во самото начело треба да се води сметка за достоинството на личноста, одошто по системот на тајните клаузули, често усмени , а опрадувањето им е дека целта ги оправдува средствата. Но, каква цел? Лично користољубуе? Кодошење за да потисне попаметниот? Знаеме и за апсењето на членовите на фамилиите, шиканирањето, како и малтретирањето меѓусебно да се одрекуваат, сопруг од сопруга, брат од брат, син од татко.

Северна Македонија мора да се соочи со реалноста дека еден од условите за влез во Европската Унија е да го осуди крвавиот југословенски терор во тогашна Република Македонија, да направи рехабилитација на невините жртви на титовиот режим и да се извини.

Епилог без епилог

Тоа што се случуваше на Голи Оток,но и на другите југословенски логори во титова Југославија, Добој ,Идризово и други, а се случуваа тешки човечки трауми, не може да биде ниту оправдано, ниту законски, а камоли „револуционерно“ спрема сите оние кои беа казнети со монтирани обвиненија, а некои без суд ликвидирани или директно транспортирани до логорите! Треба да се отворат сите архиви кои ги кријат документите за жртвите на титовиот комунистички режим за да се овозможи објективно и научно истражување. Политичките одлуки за инсценираните судски процеси, судења без адвокат или ликвидации без суд како и долготрајните затворски казни, конфискација на имотите кои беа стекнувани со генрации, кражбата на пари заради лично богатење на поеднци – се се тоа наши лични и фамилијарни трагедии, а исто така и болна трагедија на народот во Северна Македонија. Потребна е рехабилитација, но не само формална со непотполни политички изјави на рати, ниту со спорни, делимични мерки на рати, ниту пак со оправдување дека „тогаш беше такво времето“. Чинам дека треба да го следиме патот на Словенија која имаше сила да ги отвори сите архиви, да ги рехабилитра жртвите на Дахауските монтирани процеси кога група врвни словенечки интелектуалци беа судени, а некои ликвидирани во монтирани процеси дека биле соработници на Гестапо и НКВД, замислете!

Сето ова е нужно и неопходно да се направи пред се заради општеството во целина за да се дојде до подлабоки, односно целосни сознанија се со цел ваквите неправедни и срамотни злосторства никогаш да не се повторат во иднина.

Но, судејќи според интелектуалниот (не)капацитетот на историчарите од ИНИ (Институтот за нацинална историја) во Северна Македонија, чинам дека не само што немаат ниту намера да го направат тоа, туку како поклоненици на титовата догма фрлаат уште поголема стигма врз оние невини луѓе кои страдаа, а кои се одамна мртви.

Најлошо е да пишувате историја, а однапред да знаете што ќе напишете. Историјата се темели на истражувања, архиви, сведоштва. Но, сигурно тоа не може да се очекува историчарите од ИНИ. Подобро ќе ви кажат историчарите од Хрватска, Србија и Словенија.

Чинам дека денешните историчари и политичари од Северна Македонија го изгубиле чувството за човечност и праведност. Наместо рехабилитација и извинување, врз потомците на тие кои страдаа во Петрова Рупа, Добој и Идризово, а некои беа ликвидирани, се вршат притисоци да не зборуваат за тоа. Понижувањето и кршењето на личноста на потомците на бившите логораши се само продолжение на титовиот режим. Северна Македонија е претворена во еден голем Голи Оток.

Се надевам дека некои следни генерации ќе бидат похумани и ќе се позанимаваат со оваа болна и трагична проблематика. И ќе се чудат. Сигурно дека ќе осудат и ќе бидат спремни да застанат на пиедесталот на вистината.

Слични Објави