Бугарската Военомедицинска академија ја модернизира Клиниката за очни болести со најсовремени дигитални технологии
Военомедицинската академија (ВМА) во Софија ја модернизираше Клиниката за очни болести со нов дигитален 3Д-систем за очна хирургија и современа опрема за дијагностика на заболувања на ретината, јавува Армимедија.
Новиот 3Д-систем го заменува стандардниот хируршки микроскоп со високотехнолошка дигитална камера, а интервенцијата во реално време ја следи целиот тим на голем 3Д-екран. Технологијата овозможува до пет пати подобра перцепција на длабочината, поголема осветленост на оперативното поле и попрецизна работа.
„Нашето мото е ‘Вид од иднината – денес’. Се стремиме постојано да ги воведуваме најсовремените технологии и да ги претвораме во реална можност за подобра дијагностика и попрецизно лекување“, изјави началникот на клиниката, полковник доцент Атанас Калајџиев.
Клиниката добила и дигитална камера за детално снимање на очното дно, флуоресцеинска ангиографија и автофлуоресцентни испитувања. Опремата е особено значајна за рано откривање и следење на макуларна дегенерација поврзана со возраста, дијабетична ретинопатија, дијабетичен макуларен едем и ретинални венски оклузии.
„Кај голем дел од пациентите денес успеваме не само да ја запреме прогресијата на овие заболувања, туку и да постигнеме подобрување на видот“, истакна Калајџиев.
Во последните години неколку кабинети во клиниката се опремени и со современи офталмолошки системи што обединуваат повеќе дијагностички функции на едно работно место.
